Владо Јаневски: Бакнежот е поефтин од солзата!

by fokus

Во чест на 60-от роденден на поп пејачот и композитор Владо Јаневски, на 27-ми ноември се објави неговата нова песна ,,Љуби, љуби” за која тој ги напишал текстот и музиката.

Аранжманот е на Борис Ѓурѓевиќ, издавач е ,,Кроација рекордс”, а проектот бил поддржан од Витаминка – Прилеп.

Во ,,Љуби, љуби” Јаневски останува верен на својата традиција, да пее за љубовта и да го велича нејзиното постоење.

-Љуби, љуби, не престанувај, бакнежот е поевтин од солзата, од глава нека ми го избрише она време кога не си била со мене – пее чаирчанецот.

И покрај тоа што зад себе остави низа на евергирни, песни кои со генерации се пеат повеќе од 30 години, а во нив секогаш тема е љубовта, Јаневски на прагот на седмата деценија останува сам и не се скраси покрај своја сродна душа.

Пред неколку години, во ТВ интервју изјави дека не ни очекува некогаш да формира свое семејство, и како се помирил дека цел живот ќе остане сам.
За време на концерт во Кавадарци пак, пред три години, пред публиката откри дека неговата мајка по потекло е од Тиквешко, и многу пати во младоста му повторувала да си најде сопруга од тој крај.

-Не ја слушав мајка ми на време, сега касно ми е – раскажа тој пред публиката.

,,Љуби, љуби” е објавена на музичкиот
канал Јутјуб, а исто така и на фан страницата на Јаневски на Фејсбук, каде секојдневно негови слушатели прикачуваат негови песни и фотографии од минатото.

Деновиве доста внимание привлече објавата на календар од пред 17 години, каде тој позира заедно со водителката Билјана Дебарлиева, во стилот на Џемс Бонд. Често се објавуваат и фотографии од музичарот од времето кога членуваше во групите ,,Ластовица”, ,,Бон тон”, ,,Фотомодел” и други, од пред 20 и повеќе години, од негови концерти и дружби со публиката и колегите од естрадата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости