Владо Илиевски: Ако дојдам на чело на МКФ, платата ќе ја донирам за прогрес на младите таленти!

by fokus

Македонската кошаркарска легенда Владо Илиевски, кој е во трка за претседател на Македонската кошаркарска федерација, вели дека доколку дојде на функцијата претседател, ќе се откаже од својата плата.

Во изјава за ,,Фокус’’ тој потенцира дека своите месечни примања од се срце ќе ги намени за помош на млади кошаркарски таленти.

,,Зад себе имам интернационална кошаркарска кариера и верувам дека со својата посветеност и искуство ќе го вратам сјајот на нашата кошарка. Доколку дојдам на чело на МКФ, со цел да им помогнам, дополнително да ги мотивирам и поттикнам младите таленти во овој спорт, ќе ја донирам мојата плата за нивниот професионален развој’’ – вели Илиевски.

Неофицијално дознаваме дека актуелниот претседател на федерацијата, Петар Наумовски и неговиот пртеходник, добивале месечни примања кои изнесуваат колку неколку просечни плати во земјава.

Како што информиравме пред десеттина дена, Илиевски веќе добил поддршка од еминентни лица да се избори за новата функција и да придонесе со своето искуство и квалитет за враќањето на сјајот на македонската кошарка. Тој тогаш ни потврди дека се вклучува во трката за претседател, и изјави дека знае како го очекува макотрпна работа, но верува дека Македонија може да тргне кон победи на ова поле.

Вики Клинчарова

Поврзани новости