Владата вечерва во текст да го преточи тоа што е усно договорено за уставните амандмани на средбата во Собранието на Република Македонија меѓу премиерот Зоран Заев и осумте пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, е епилогот од вечерашната средба во Собранието.
Потоа текстот треба да им биде доставен на осумте пратенци на консултации и по објавувањето на договореното во јавноста од нивна страна во текот на утрешниот ден Владата на седница да ги утврди нацрт-амандманите за измена на Уставот согласно Договорот од Преспа. На средбата не е прецизирано дали четирите предложени амандмани од пратеничката група ќе бидат инкорпорирани во нацрт-амандманите што ќе ги достави Владата до Собранието, или ќе бидат поднесени како амандамни на амандманите.
– На првата консултација беа дадени насоките, денеска зборувавме за суштината и мислам дека ги заокруживме. Останува, сега веднаш после оваа изјава, наше повлекување во Владата да го скицираме целиот текст на нацрт-амандманите којшто преточен во текст ќе биде уште еднаш испратен на консултации и верувам до крајот на денот потврден од новата пратеничка група се со цел утре Владата на РМ на владина седница да ги утврди нацрт-амандманите, изјави премиерот Заев по средбата.
Кога се ќе биде утврдено, додаде, јас како претставник на Владата објавувајќи ги нацрт-амандманите ќе го посочам каде и што е вградено.
– Еден дел ќе си биде вграден во Уставниот законик, еден дел ќе си биде вграден во самиот проглас на уставните амандмани којшто е акт за прогласување на уставните амандмани, така што верувам дека имаме решение. Сега останува да го преточиме тоа во зборови оти досега дискутиравме само, скициравме со пенкало и слично, сега да го преточиме во еден текст, да го видат конечно тој текст и да дадат конечна потврда дека е тоа така. Јас верувам дека нивната верба која што ги водеше да се одважат, охрабрат и гласаат е со причина и денеска ја видов суштината на таа причина. Мене ми е многу драго што токму таа причина и нивно вградување во самите уставни амандмани разобличува уште една дилема која што постоеше цело време и во текот на кампањата за референдумот, пред кампањата, после потпишувањето на договорот, а тоа дека го потврдуваме македонскиот идентитет, рече Заев.