Владата најави дека утре ќе ја преиспитува одлуката за спојување на концесиите на „Еуромакс ресурсес“, за рудникот Иловица-Штука.
Ваква најава дојде по протестите на жителите од струмичко каде ќе се отвора рудникот и откако дел од министрите изјавија дека при носење на одлуката за спојување на концесиите министерот за економија Крешник Бектеши им презентирал лажни податоци од одлука на Управниот суд.
Ревизија на одлуката на Владата побараа министерката за одбрна Славјанка Петровска, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Петровска и Шукова викендов присуствуваа и на протестот во Струмица, што жителите го организираа протв отворање на рудникот.
Според Петровска со промена на донесената одлука министрите и владата нема да покажат слабост, туку напротив дека знаат да се корегираат.
Владата има правна можност да ја поништи својата одлука од 27 јуни за спојување на двете концесии за експлоатација на бакар и злато во локалитетот Иловица за компанијата Еуромакс Ресоурцес“. Но поништувањето треба детално да го образложи – што било спорно во претходната одлука и кои закони биле прекршени со нејзиното донесување. Ваквите можности се предвидено во Деловникот и во Законот за Влада.
Во член 30 од Законот за Влада се вели дека таа има право и должност да укинува или поништува прописи или други акти на министерствата, органите на државната управа и управните организации кои не се во согласност со Уставот, законите или другите прописи на Собранието или Владата.