Владата со подобра организираност, откако беше критикувана од оние кои се сместуваат во државен карантин

by fokus

Откако дел од граѓаните кои со државните летови се враќаат од странство ја критикуваа Владата дека од пристигнувањето на аеродром па до сместување во државен карантин поминуваат голгота, Владата попладнево објави дека автобусите за наредната група се подготвени и однапред се знае каде ќе бидат сместени оние што се враќаат.

Исто така, за секој патник е обезбедна вода и мала закуска, нешто за што граѓаните се бунеа дека со часови чекаат затворени во автобусите без вода.

Граѓаните исто така се жалеа и дека не им се кажува каде ќе бидат сместени, се додека не тргнат автобусите, па и подоцна.

-Подготвени се осумте автобуси со кои ги пречекуваме и превезуваме нашите сограѓани кои ни пристигаат од Берлин со летот во 17:00 часот.
Со дезинфицирана внатрешност, опремени со закуска и вода, возачи со целосна безбедносна опрема, обезбедуваме транспорт до хотелот Цар Самуил во Струмица, каде ќе бидат во следните 14 дена во задолжителен државен карантин. Им благодариме на сите колеги по институциите кои деноноќно и посветено работат на безбедно враќање на нашите граѓани дома.
На нашите сограѓани во карантин им посакуваме здравје и што полесно да го поминат карантинот, а до сите останати сограѓани апелираме да ги следат мерките за заштита и да останат во своите домови, објавија од Владата.

Поврзани новости