Владата на Македонија застанува зад Ердоган

by fokus

 Владата на Република Македонија  смета дека треба да се почитува волјата на турскиот народ и демократски избраните претставници во земјата.

Ова е одговорот што го дадоа за НОВА, на прашање каков е ставот на власта во Македонија по најавите дека, официјална Анкара во некои земји испратила барања за затворање на образовни институции кои тие ги сметаат за блиски до пучистите и дали Македонија ги поддржува акциите на Ердоган по задушениот воен удар.

Од Владата не ги коментираат написите кои ги објави турската Државна агенција-Анадолија, според која постои шема на организацијата Фето во сите балкански земји, меѓу кои и Македонија.

Според Анадолија, ФЕТО е терористичка организација која е предводена од противникот на Ергодан, Фетула Ѓулен, а во која се вклучени стотина училишта, туристички агенции, невладини организации, медиуми.

Први на листата, според агенцијата, се основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица. Потоа неделникот „Заман Македонија“, како и организацијата „Седеф“ која организира курсеви ои турски јазик. Меѓу фирмите на црната листа се туристичката агенција „Башак“, компанијата за транспорт „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР, кои се наоѓаат во Скопје.

Од Министерството за надворешни работи се уште молчат за тоа дали турските власти побарале од надлежните во земјата да преземат мерки против одредени организации.

Ниту од турската амбасада во Скопје не откриваат дали Турција побарала од Македонија да преземе мерки против соработниците на Ѓулен. Турскиот амбасадор Шолендил само рече дека турската Влада соработува со Владата на Македонија, за да го потисне влијанието на организацијата предводена од Ѓулен која, според турските власти, стои зад обидот за државен удар.

Поврзани новости