На владина седница одржана во јули годинава Владата донела одлука да му предложи на Собранието да го разреши актуелниот член на Регулаторната комисија за енергетика, Дејан Бошковски, кој е во првообвинет во предметот „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство. Според заклучокот на Владата имало пропусти при неговото назначување.
Според владиното образложение при именувањето Бошковски не го исполнил условот најмалку една година пред назначувањето за член на Регулаторното тело да не бил член на надзорен или на управен одбор или на одбор на директори во друштво кое врши регулирана енергетска дејност, односно дејност – управување со води.
Предлогот ќе биде разгледуван утре на собраниска седница, кога ќе се расправа и за предлогот на Владата на местото на Елена Маркова Велинова во Комисијата, поради завршување на нејзиниот мандат, да биде поставен Панче Орцев.
Бошковски беше поставен за член на Регулаторот во октомври минатата година. Претходно ја извршуваше функцијата генерален директор на ЕЛЕМ. Од таа позиција СЈО го товари за злоупотреба на службената положба при набавка на софтвер за државната компанија во вредност од четири милиони евра, кој никогаш не профункционира. Бошковски тврди дека не ја потпишал јавната набавка.