Македонија ќе се задолжи со 600 милиони евра преку издавање нова евроообврзница, јави попладнево „Блумберг адрија“, повикувајќи се на податоци од терминалот на „Блумберг“. Еврообврзницата ќе биде на четири години, а каматата ќе изнесува 6,5 отсто.
Претходно, беше соопштено дека намерата на Владата била да се задолжи до 800 милиони евра, што доколку се реализираше намерата, ќе беше најголемо задолжување до сега преку издавање еврообврзница. Ваква одлука била донесена на владина седница на шести овој месец, кога била организирана и презентација пред заинтересираните инвеститори.
Македонската влада до сега на меѓународниот пазар на капитал има излезено вкупно осум пати, почнувајќи од 2005 година кога беше издадена првата еврообврзница во износ од 150 милиони евра, па се до последната од 700 милиони евра. До сега највисока камата за издадена еврообврзница била 9,875 отсто за еврообврзницата во 2009 година. Камaтата на сегашнава еврообврзница ќе биде втората највисока до сега. Најниска камата од 1,625 отсто се пoстигна за еврообврзницата во 2021 година.
Владата и минатата година најавуваше издавање еврообврзница, но поради влошените услови на пазарот на капитал, се откажа од таквата намера.