Ковачевки рече дека на седница на Влада ќе го разгледаат предлогот на претседателот Пендаровски за продолжување на рокот за вадење на лични документи.
Тој додаде дека ќе се консултира со двајцата министри со кои разговарал Пендаровски.
„Сите предлози за мене се добри кои што можат да унапредат нешто. Верувам дека и претседателот може да се слушне со претседателката на Грција. Ќе поразговараме на седница на Влада во однос на можноста на ова да се направи. Претседателот Пендаровски најдобро знае, бидејќи тој беше вклучен во подготовката на Преспанскиот договор, при зачленувањето во НАТО, тој беше координатор колку што се сеќавам, така да има повеќе детали како би можело тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција“ рече Ковачевски.
На прашањето зошто граѓаните се принудени на минусни температури да чекаат со часови и денови за да ги заменат личните документи и дека со тоа Владата не покажала грижа за своите граѓани, Ковачевски рече дека тоа е обврска на државата која што ја презела со потпишувањето на Преспанскиот договор, а со тој договор Македонија стана членка на НАТО.
„Таа обврска е наведена во закон и не можете да кажете дека Владата нешто направила, бидејќи се работи за законски решенија, за уставни измени кои се правени во Собранието. Она што може Владата да направи е да го олесни тој процес. МВР отвори поголем број на пунктови и поголем број на вработени кои ќе работат на ова. Очигледно ќе треба да се зголеми на уште повеќе“ посочи премиерот.
Тој нагласи дека за да се направат законски измени треба согласност од сите потписници на меѓународниот документ, но сепак ќе ги разледаат опциите.