Владата ќе ги субвенционира придонесите за вработените во медиумите

by fokus

На денешната седница Владата донесе Уредба со законска сила за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработени во медиумите, со која се уредуваат условите, начинот и постапката на субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите кои работеле и известувале за надминување на состојбата со Ковид-19 за време на вонредната состојба, за месец јуни, јули и август 2020 година.

Уредбата, како што соопшти владината прес-служба, определува кои услови и критериуми треба да бидат исполнети за стекнување на правото за користење на субвенционирањето на придонесите од задолжително социјално осигурување за вработените во медиумите.

Донесена е и Уредба со законска сила за начин на користење на радиофреквенциски опсези за време на вонредна состојба, со која на радиодифузерите, кои обезбедуваат радио емитување (радија), врз основа на издадено одобрение за користење на радиофреквенции во радиофреквенцискиот опсег 87.5-108 MHz, нема да им се наплати годишниот надоместок за 2020 година.

– Радијата кои до денот на влегувањето во сила на оваа уредба го платиле годишниот надоместок за 2020 година, ќе се смета дека извршиле плаќање на годишен надоместок за 2021 година за користење на радиофреквенции, се вели во соопштението.

Поврзани новости