Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ и даде на Владата рок од 15 дена да го реши проблемот со лажните дојави за бомби, во спротивно од таму најавуваат протести. Од иницијативата испратиле писмо до Министерството за образование и наука во кое велат дека најголемиот товар од хаосот што се создава паѓа на грбот на родителите и другите роднини.
„Овој процес со дојавите на бомби не трае еден месец, туку пет месеци. Го пореметија нашето секојдневие. Премногу стресно и тешко им влијае на децата и на поширокото семејство. Кој ќе ги оправда нашите излегувања од работа? За изгубената настава на учениците? Кој ќе одговара за овие запоставени генерации?“, се вели во писмото.
Од иницијативата побара и училиштата да бидат обезбедуван и 24 часа.
„Оваа власт време е да преземе одговорност, да ги седне на маса МОН, МВР и меѓународни сајбер експерти и да го реши овој проблем. Во спротивно ќе излеземе на протести и ќе ги искажеме и сите останати незадоволства“, порачаа од таму.
Фото: МИА