Пекарите си легнаа на брашното, тужбата не им се продава

by Fokus

Преовлада јавниот интерес во кризата која настана откако пекарите одбија да произведуваат бел и полубел леб по замрзната цена од 33 денари. Основниот прехрамбен производ од утре повторно ќе биде доставуван до маркетите. Сакале или не, пекарите се приморани да печат бел леб по одлуката што Владата ја донесе на синоќешната седница. Но се закануваат со тужби.

Изминативе денови покажаа дека пекарите не се толку оштетени од замрзнатата цена, како што соопштуваа од Стопанска комора. Малите и средни претпријатија го продаваат белиот леб дури и по поевтина цена, а на пазарот во Македонија влезе и лебот од Косово, по цена од околу 27 денари. Недостаток на бел леб имаше само во главниот град, и тоа во маркетите снабдувани од големите компании, кои и онака бележат највисоки приходи.

Но дали Владата може да ги принуди приватните компании да произведуваат леб иако не сакаат? Пекарите велат дека за овие три месеци, колку што ќе биде на сила замрзнатата цена, ќе претрпат загуба од 4,5 милиони евра. Преку суд ќе бараат оштета од Владата, но тужбата изгледа ќе им падне во вода.

Одлуката со која ги принудува пекарите од утре да доставуваат леб, Владата ја темели на Законот за трговија кој пропишува дека Владата може да се вмеша во бизнисот кога има „сериозни пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходни за животот и здравјето на граѓаните“. Таква е моменталната ситуација, која може да се опише со инфлацискиот скок.

Во тој случај законот вели дека Владата може да пропише мерки како што е „обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед“.

Професорката по Управно право, Ана Павловска Данева, за „Фокус“ ги објасни овие одредби од законот.

-Владата има апсолутно право да ги примени цитираните одредби од Законот за трговија. Изрично во член 30 е пропишана обврска за трговците да ги почитуваат мерките изречени од Владата, и не е предвиден никаков надомест на штета. Само доколку докажат дека одлуката на Владата е незаконита и ако таа биде поништена во управно-судска постапка, ќе можат да започнат граѓанска судска постапка за надомест на евентуална штета, што е малку веројатно, со оглед на фактите – вели професорката.

Одлуката, додава Павловска- Данева, не е незаконита, и тешко дека Управен суд ќе ја поништи

Одредбата се однесува на трговците, но големите компании кои одбија да произведат леб изминативе денови и кои се заканија со тужби, се и пекари и трговци.

Освен тоа, не смее во овој случај да се игнорира јавниот интерес, кој беше пренебрегнат од компаниите, а кој владината одлука треба да го заштити.

-На секоја Влада и е надлежност, право и обврска, да го штити јавниот интерес кога е загрозен. Така што, неспорно дека овој пат Владата конечно ја реализираше својата улога на заштита на интересот на граѓаните – додава професорката.

Поврзани новости