(АРХИВА) „Фокус“ истражува – Колку партиските каси се празнат за плати и за кредитни рати?

by Фокус

Текстот е објавен на 18 август 2022 година во неделникот Фокус со број 1.402.

Врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од политичките партии побаравме податоци за нивното финансиско работење. Речиси половина од нив воопшто не одговорија на нашите барања, само неколку го открија идентитетот на своите вработени, додека една ги третира кредитните обврски кон банките како доверлива информација?! Што говорат овие информации, кои ги вкрстивме со дополнително обезбедени податоци од разни финансиски извештаи?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Кои лица моментално се вработени во партијата и колку се издвојува по основ на плати? Дали партијата има кредитни обврски кон банки, и ако е така – за какви обврски станува збор? Дали партијата има депозити во банки, средства во фондови и слично?

Користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кој веќе 3 години ги опфаќа и политичките партии, одговор на овие прашања побаравме од најголемите партии во земјава, како и од повеќе „помали“ субјекти, кои се парламентарни или важат за релевантни на политичката сцена.

Како што е познато, политичките партии беа опфатени со новиот Закон за слободен пристап, со што станаа иматели на информации од јавен карактер, на исто рамниште како и институциите на државно и локално ниво, здравствените и образовните установи, судовите и други органи со јавни овластувања.

На тој начин, тие добија статус на иматели на информации во делот на нивните приходи и расходи, односно на нивното финансиско работење, што впрочем претставува и најголем интерес на јавноста кога се во прашање партиите.

Една максима вели – колку повеќе транспарентност, толку помалку корупција. Од таа гледна точка, обврската на партиите, во соодветна процедура и утврден рок, да ги доставуваат сите барани информации во делот на финансиското работење, би одело во насока на намалување на ризиците од корупција.

Но, се поставува прашањето колку партиите, кои и досега имаа одредени обврски во сегментот на финансиското работење, без разлика дали се работи за редовното годишно или вонредното (пред)изборно работење, станаа потранспарентни откако станаа иматели на информации од јавен карактер?

Нашето искуство говори дека речиси половина од партиите воопшто не одговорија на нашите барања, иако имаат законска обврска тоа да го сторат за 20 дена. Само неколку партии, пак, го открија идентитетот на своите вработени, а една од нив ги третира своите кредитни обврски кон банките како доверлива информација?!

Сепак, добиените информации ги вкрстивме со дополнително обезбедени податоци од разни финансиски извештаи на политичките партии, што дава појасна слика за начинот на кој тие ја полнат, но и ја празнат партиската каса.

ПОВЕЌЕ ЗА ПЛАТИ ОТКОЛКУ ЗА РЕКЛАМИ

Владејачкиот СДСМ нѐ информира дека во текот на 2021 година, во партијата биле вработени 36 лица. По основ на плати, за нив во текот на целата година биле издвоени речиси 12 милиони денари или во просек по 333 илјади денари по лице. Сепак, изостана информација за кои лица станува збор.

Како што може да се види во годишниот извештај на партијата за ланската година, тоа е износ на нето-плати, додека партијата издвоила дополнителни 5,8 милиони денари за надоместоци. Тоа значи дека социјалдемократите за своите вработени лани издвоиле 17,8 милиони денари.

Со други зборови, партијата во последната заокружена година повеќе пари потрошила за своите 36 вработени, отколку што во текот на годината потрошила за реклами и за пропаганда. Истовремено, може да се каже дека повеќе потрошила за плати отколку што собрала по основ на членарини и подароци.

Колку за споредба, СДСМ лани за рекламирање и пропаганда потрошил нецели 14 милиони денари, додека во истиот период од членарини и подароци во партиската каса се слеале 12 милиони денари. И во двете ставки има намалување во однос на претходната 2020 година.

Притоа, од партијата предводена од Димитар Ковачевски нѐ известија дека моментално имаат два активни кредити кон Комерцијална банка, во вредност од 29 милиони денари, чии обврски, како што истакнуваат од таму, редовно се сервисираат.

Инаку, во финансиските извештаи на партијата, ставката „долгорочни кредити од домашни банки“ изнесува над 27 милиони денари заклучно со ланската година. Тоа е за двојно повеќе во споредба со 2020 година, кога оваа обврска изнесувала 12,5 милиони денари.

Оттука, кредитните обврски на СДСМ кон банките, или конкретно кон Комерцијална банка, се зголемиле. Патем речено, трошоците за камати на кредити и заеми ланската година изнесувале 12 милиони денари.

На нашата веб-страница споделени се и информации од јавен карактер, со пристап и преку посебен прозорец. Затоа, до нас стигнуваат и сѐ помалку барања за информации од јавен карактер“, велат од СДСМ, додавајќи дека досега постапиле во однос на сите барања за финансиското работење на партијата.

КРЕДИТОТ ИМАЛ ДОВЕРЛИВ КАРАКТЕР

За разлика од СДСМ, кој навремено одговори на нашето барање и нѐ упати на дополнителни информации во јавно објавените документи, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ни одговори по истекот на рокот од 20 дена. Згора на тоа, партијата делумно го уважи нашето барање.

Односно, од партијата на Христијан Мицкоски ни одговорија дека заклучно со јуни годинава, партијата имала 22 редовно вработени, за кои се издвојуваат 826.622 денари. Исто како и СДСМ, и ВМРО не ни достави податоци за идентитетот на своите вработени, поради што не може да се провери дали, на пример, некој од нив се јавува и како партиски донатор.

Арно ама, вреди да се напомене дека ова драстично се разликува од состојбата заклучно со ланската 2021 година, кога, според годишната сметка, опозициската партија издвојувала 7,8 милиони денари за плати и надоместоци. Па, испаѓа дека партијата драстично го скратила платниот список, во време кога, случајно или не, освои најголем дел од локалната власт.

Во однос на делот за кредитните обврски, пак, од таму ни посочија дека имаат обврски, исто така, кон Комерцијална банка. Меѓутоа, во врска со висината на обврските, партијата го одби нашето барање со образложение дека „последиците врз интересот што се заштитува се поголеми“.

Тестот на штетност утврди дека бараната информација има доверлив карактер меѓу кредитобарателот и кредитодавателот, утврден со Договор за кредитирање меѓу партијата и банката“, објаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, од Централниот регистар ја обезбедивме годишната сметка на партијата, која открива дека за ланската година долгорочните кредити од домашни банки изнесувале над 124 милиони денари, додека каматите на кредити и заеми изнесувале над 8 милиони денари.

Според јавно достапни информации, ВМРО-ДПМНЕ пред изборите на крајот на 2016 година подигнала кредит од Комерцијална банка во износ од 3 милиони евра, додека во 2019 година подигна уште еден кредит од 244 илјади евра.

Ако за првиот кредит под хипотека беше ставена Белата палата, која набргу потоа беше замрзната, а од скоро е опфатена со првостепена пресуда за конфискација, за вториот кредит беше ставен деловен простор на „Рекорд“, во објектот на „Пелагонија“, кој никогаш не беше опфатен со случајот „Талир“.

ЗАЕДНО СО РАТИТЕ, ДОШЛЕ И ДОНАЦИИ

Во групата на политички партии, која воопшто не одговори на нашето барањето согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, е владејачката ДУИ, која не може да се пофали со голема транспарентност.

Имено, на нејзината интернет-страница нема ниту еден документ од финансиското работење, а скудни се и информациите во делот на партиското организирање. Така, партијата нема објавено ниту статут, па една од ретките содржини е биографијата на лидерот Али Ахмети.

Сепак, финансискиот извештај што го поседуваме покажува дека лани потрошила околу 2,7 милиони денари за плати и надоместоци, додека долгорочните кредити од домашни банки изнесувале 48 милиони денари, со тоа што каматата изнесува милион денари.

Она што е интересно, кредитните обврски изнесувале нула денари во 2020 година, но овој факт се промени во минатата 2021 година, откако ДУИ купи атрактивна деловна зграда во центарот на Тетово токму со помош на кредитен заем.

Исто така, индикативно е што во ист период кога партијата зела кредит што мора да го враќа, драстично пораснале нејзините приливи, пред сѐ по основ на донации. Доколку интегративците во 2020 година собрале само 3,7 милиони денари од членарини и донации, тогаш во изминатата 2021 година собрале дури 30 милиони денари.

Тоа, според извештаите доставени до Државниот завод за ревизија, се должи на фактот што ланската година, партијата само од донации собрала над 29 милиони денари. На листата на донатори се наоѓаат физички, но и правни лица, со донации од по неколку илјади евра.

Конкретно, најголем поединечен донатор со донација од над 3 милиони денари е лицето Рамадан Имери, чие име одговара со она на директорот на гимназија во Дебар. Тој стана актуелен во јавноста откако за него медиумите своевремено пишуваат дека бил осуден.

Во врска со останатите високи донации, една од нив во вредност од 1,2 милиони денари е дело на маркетинг-компанијата „Скрин-Медиа“, која е дел од групацијата на Елмедин Адеми. За информација, градежната компанија од оваа групација – „Еуровиа“, добила повеќе вредни тендери.

СПИСОК СО ВРАБОТЕНИ И ДЕКЛАРАЦИЈА

Од албанските опозициски партии, Беса и Алтернатива не одговорија на нашите барања, но одговор добивме од Алијанса за Албанците на Зијадин Села. За разлика од досега споменатите партии, АА е единствената партија што ни достави список со вработени лица.

На овој список се најдоа Бујар Бајрами, Арслан Истрефи, Башким Бакиу, Омер Ајдини, Валбона Река, Арбен Зеќири, Роберт Несими, Фисник Ќамили и Али Наљан. За овие 10 осигуреници, според декларацијата поднесена до Управата за јавни приходи, партијата издвојува 281 илјади денари за плати, плус 140 илјади денари за придонеси и данок.

Понатаму, одговори добивме од уште неколку „помали“ политички партии. Меѓу нив е Социјалистичката партија на Љупчо Димовски, која, исто така, го откри идентитетот на единствениот вработен. Се работи за техничката секретарка Данче Стојановиќ, чија месечна нето-плата е 25.700 денари.

Исто така, еден вработен има и ДОМ, но неговиот идентитет, како и работна позиција, се непознати. Сепак, од партијата на Маја Морачанин ни ја доставија декларацијата поднесена до УЈП, според која вработеното лице има бруто-плата од 37.600 денари.

На крајот, две политички партии нѐ известија дека имаат по двајца вработени. Едната е Левица на Димитар Апасиев, која за две бруто-плати издвојува 82 илјади денари. Втората е ГРОМ на Стевчо Јакимовски, која, пак, за две бруто-плати издвојува 52.800 денари.

Ниту од една од партиите, според нивните тврдења, нема депозити во банка, ниту средства пласирани во фондови. Досега, никакви одговори не добивме и од ЛДП и од НСДП.

Бездруго, ваквата половична транспарентност не треба да зачудува ако се знае дека истражувањето на Фондацијата Отворено општество, насловено „Индекс на транспарентност на политичките партии“, покажа дека активната транспарентност на партиите е „релативно ниска“.

Притоа, истражувањето покажа дека партиите најмногу потфрлуваат токму во објавувањето информации што произлегуваат од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Индекс на транспарентност“
ПОРАЗИТЕЛНО РАНГИРАЊЕ НА ПАРТИИТЕ

Индексот на транспарентност“ покажал дека никаква информација за пристап до информации од јавен карактер на своите веб-страници не објавиле 13 парламентарни и вонпарламентарни партии, меѓу кои ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса, ЛДП…

Потоа, само 3 политички партии имаат посебно копче за пристап до информации од јавен карактер, а тоа се Левица, ДОМ и СДУ, додека дополнителни 9 партии имаат информации за службеното лице за пристап до информации од јавен карактер.

Од сите партии, само СДСМ, Левица, ДОМ и СДУ имаат објавено годишни извештаи за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а само ДОМ ги има објавено потребните обрасци.

Понатаму, Левица, ДС и ДОМ имаат објавено листа на информации од јавен карактер, додека единствено кај ДОМ листата е дополнета со линкови што го поврзуваат податокот со соодветниот документ.

Кога ќе се земат предвид сите параметри, според ова истражување, најдобро рангирана партија во овој дел е ДОМ со освоени 11 од вкупно 17 поени, по што следуваат Левица и СДУ со по 7 поени, СДСМ и НСДП имаат по 3 поени, ДС, ГРОМ, ДПА, ПОДЕМ и СП по 2 поени…


Данче ДАНИЛОВСКА-БАЈДЕВСКА, ФООМ
НЕЗАДОВОЛИТЕЛНО НИВО НА ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во ФООМ, смета дека неспорно е дека со обврската да овозможуваат јавност и отвореност во делот на приходите и расходите генерално зголемена е транспарентноста на партиите. Сепак, како што потенцира таа, тоа не е доволно.

Промените во законската рамка за финансирањето на политичките партии значително го зголеми финансирањето од државната каса, па оттука заклучокот е дека политичките партии сè уште не се на задоволително ниво на транспарентност во делот на приходите и расходите – вели Даниловска-Бајдевска.

Тоа што ниту една партија не постигнала одлична, ниту многу добра активна транспарентност, додава таа, укажува дека степенот на активна транспарентност кај политичките партии е релативно низок и постои значителен простор за унапредување.

Политичките партии што успеваат да добијат доволна поддршка од граѓаните, стекнуваат пристап до раководење институции преку кои учествуваат во утврдување на стратешкиот правец во кој се движи државата. А, бидејќи партиите на власт извршуваат важни демократски функции, политичките партии треба да практикуваат високи стандарди на отвореност и транспарентност – порачува Даниловска-Бајдевска.

Таа препорачува од страна на Државниот завод за ревизија или од друга надлежна институција да се креира единствена база на податоци со сите извештаи од приходите и расходите на политичките партии, која ќе може да се пребарува по година, изборен циклус и политичка партија.


Миша ПОПОВИЌ, Институт за демократија
ВРАЌАЊЕ НА ЗАГУБЕНАТА ДОВЕРБА

Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Институтот за демократија – Социетас Цивилис, смета дека фактот што политичките партии се опфатени со ЗСПИ е добар почеток за, како што вели, во иднина политичките партии да ја зголемат својата отчетност кон граѓаните.

Всушност, тоа што партиите треба да го сфатат е дека овозможувањето информации за својата работа, има потенцијал да ја подобри изгубената доверба на граѓаните (гласачите) во нив. Секако, транспарентноста не е единствената алатка за стекнување на довербата, но е значајна алатка. Во исто време, обврската за транспарентност произлегува и од зголемениот удел на јавно финансирање на партиите – објаснува Поповиќ.

Тој посочува дека транспарентноста на политичките партии и во Европа е релативно нова работа, која е стара нешто повеќе од 20 години и произлегува токму од потребата да се врати загубената доверба на граѓаните.

Добрите европски примери прилично напреднале во споредба со нашиот систем, па така земјите, како Естонија, Латвија и Велика Британија, споделуваат многу детални информации за финансиите, членарината и донациите од една страна, но и трошењето од друга страна. Така, светскиот тренд на споделување информации, кои се спремни за детална анализа, т.н. машински читливи податоци кои може веднаш да ги анализирате е веќе стандард во овие земји – вели Поповиќ.

За споредба, додава тој, кај нас голем дел од податоците што ги обезбедуваат партиите се скенирани документи, неретко напишани на рака, па оние што ги анализираат, имаат прво проблем да ги прочитаат, да ги направат корисни за анализа и проверка.

Кај нас дополнително треба да се рашири дебатата за тоа кои податоци се споделуваат. Во Велика Британија, на пример, доколку некој плати патување на политичар на некоја конференција или на пример на спортски натпревар, тоа политичката партија го заведува како донација. Кај нас ова не се смета ниту за донација, ниту за подарок, но во педантните земји оваа информација се забележува – вели Поповиќ.

Поврзани новости