Владата и ВМРО-ДПМНЕ веруваат дека ќе се договорат за СЈО до 15 септември

by fokus

Претставници на власта и на опозицијата на денешните разговори за законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на СЈО, ги приближиле ставовите во делот на зголемувањето на Буџетот на обвинителството, како и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и обвинителите.

За шеф на новото обвинителство не станало збор, но власта е оптимистична дека ќе се постигне договор до 15 септември кога истекува мандатот на специјалната јавна обвинителка.

-Не знам дали до 27 август ќе се договориме, тоа е прво читање на предлог законот во Собрание. Имаме време до 15 септември и сигурен сум дека до тогаш ќе ги усогласиме ставовите – заменик министерот за правда Оливер Ристовски. Тој рече дека со опозицијата биле отворени темите за финансирање на Обвинителството воопшто и темата за одговорноста на обвинителите.

-Тука имаме приближување на ставовите, во делот на зголемувањето на Буџетот што би го имало Обвинителството во Република Северна Македонија. Значи да го зголемиме Буџетот на Обвинителството, како би добиле поголема самостојност како орган. Разговаравме и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и на самите обвинители. Во овој момент имаме приближување на ставовите, мислам дека тука можеме да изнајдеме заедничко решение во Законот, рече заменик министерот Ристовски.

Тој додаде дека состаноците и разговорите за законот за Јавното обвинителство, кој е во собраниска процедура, а за кој меѓународната јавност даде позитивна оценка за текстот, ќе продолжат и во текот на оваа недела и дека измените кои ќе се договорат, ќе одат амандмански во Собранието.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски изрази задоволство бидејќи, како што рече, средбата била конструктивна и се договориле околу финансирањето на обвинителството и за поголема одговорност на обвинителите.

-Немаме дополнителни коментари за да зачуваме еден степен на доверба кој денеска беше изграден. Имаше продуктивна атмосфера и отворивме две прашања. За двете прашања што денеска беа отворени е постигнато приближување на ставовите. Првото е начинот на финансирање  и зголемување на буџетската независност на државното Јавно обвинителство, каде што гледаме дека горе – долу имаме некои слични концепти и приближување на ставовите и второто е зголемувањето на одговорноста на самите обвинители како поединци,  но исто така и на обвинителствата како структури, рече Милошоски.

 

Поврзани новости