Владата бара мислење од ДИК за блокадата на заемот од 90 милиони евра од Светска банка

by Фокус

Владата на денешната седница, со цел да се одблокира потпишувањето на договорот со Светска Банка за поволен заем во висина од 90 милиони евра од страна на дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, организираше расправа на која како гостин учествуваше и претставничката на нашата земја во Светска Банка Нина Фити-Неделковска, која објасни дека одолговлекувањето на потпишувањето на договорот ја става во ризик долгодишната соработка меѓу банката и нашата земја, информираа од Илинденска.

„Аргументите изнесени на седницата, како и исклучителниот јавен интерес за потпишување на овој поволен аранжман со Светската Банка, според кој средствата во висина од 90 милиони евра се наменети за зајакнување на капацитетите на здравството за справување со КОВИД-19, за набавка на медицинска опрема, за финансирање на придонесите за здравствено осигурување за невработените и за ранливите групи, за финансирање на привремената поддршка за невработените со обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места во кризата, за привремената социјална помош на посиромашните граѓани кои пред кризата не ги исполнувале условите, како и за поддршка за работниците што биле одјавени од нивните работодавачи и кои добиваат надоместоците од осигурување во случај на невработеност, не беа доволни за дополнителната заменик-министерка за финансии Димитриеска-Кочовска“, велат од владата.

Од таму додаваат дека со оваа своја постапка Димитриеска-Кочоска ги доведува во сериозен ризик реализацијата на иницијативите за зајакнување на здравството и за поддршката на социјално ранливите категории, па затоа ќе биде побарано од  мислење од Државната изборна комисија за оваа, како што велат, опструкција во работењето на Владата од аспект на членовите во преодната влада.

Поврзани новости