Влада во сенка, движење и референдуми

by lali 10:44
10:44

Постизборниот период ја покажува исправноста на одлуката на опозицијата нејзините пратеници да не влезат во Собранието. Власта е сè поагресивна, не избира средства за да прикаже нормалност во државата. Надвор од веќе поставените правила беа верификувани мандатите на пратениците, кои тие не ги прифаќаат.

Сепак, случувањата во Ѓорче Петров и хушкачките написи на провладините медиуми, судската одлука со која се ослободуваат весникот „Вечер“ и неговиот уредник, невозможно брзата  внатрешна контрола по која е отфрлена претставката на новинарките на кои им се одземени и избришани видеоматеријали и фотографии, како и другите глупости на режимот, треба да ја зацементираат одлуката на опозицијата за бојкот.

- Advertising -

По ниедна цена не треба да влезат во Парламентот и да му дадат легитимитет на изборниот процес. Едноставно, нема веќе простор за институционална борба, апсолутно сè е поклопено од страна на партијата која е и власт и суд. Затоа, опозицијата сега треба да направи план како ќе дејствува надвор од институциите на системот, а притоа да остане активна во политичкиот живот и да биде активна меѓу граѓаните, за да го задржи својот политички легитимитет.

НАРОДНО ДВИЖЕЊЕ ПРОТИВ НЕНАРОДНАТА ВЛАСТ

Владата, избрана од Собрание кое е избрано на нефер и недемократски избори, не смее да биде признаена. Здружената опозиција мора да направи влада во сенка. Членови на таа влада во сенка мора да бидат експерти во своите области и да нудат решенија за проблемите во општеството. Проблеми кои, благодарение на неспособната власт, во следниот период ќе ги има сè повеќе.

Да се разбереме, таа влада во сенка ќе им ги презентира своите решенија на граѓаните и комуникацијата ќе биде само со нив! Максимално мораат да се игнорираат власта и сите нејзини лостови. Опозицијата ќе мора да почне да организира и народно движење против ненародната власт. Движењето треба да има една цел: враќање на демократијата и демократските вредности во општеството.

Ова движење ќе мора да биде масовно, да биде мултиетничко и секојдневно активно низ цела Македонија. Не мора да се вика ОТПОР, ама мора да создаде отпор. Кога велам активно, мислам да организира мали настани во секое населено место, а барем еднаш неделно да организира масовен настан.

Активистите од движењето на малите настани ќе треба да мобилизираат нови членови во согласност со целта, а на граѓаните да им ги објаснуваат решенијата на владата во сенка. Додека, пак, на масовните настани ќе мора да се појавува целиот врв на движењето, со јасни идеи, алтернативни политики и насоки за граѓаните.

Мултиетничкиот карактер на движењето е важен од повеќе причини. Заради масовноста, заради легитимитетот, заради мултиетничкиот карактер на државата. Има и уште една важна причина: да се пресретнат новите измислени кавги меѓу ДПМНЕ и ДУИ, кои ќе бидат една од опциите за дефокусирање на граѓаните од вистинските проблеми, особено по септемврискиот НАТО-самит и по уште еден неуспех.

РЕФЕРЕНДУМСКО ИЗЈАСНУВАЊЕ ЗА НАЈГОРЛИВИТЕ ПРАШАЊА

Дел од решенијата на движењето би било добро да бидат ставани на референдум. Тоа ќе биде од повеќекратна корист за движењето. На референдумски прашања треба да се ставаат предлог-закони, чие усвојување ќе значи голема придобивка за граѓаните. Закони од сферата на социјалната политика, работничките права, економијата, здравството, образованието.

Противниците на оваа идеја имаат аргумент дека избирачкиот список не е исчистен и дека опозицијата нема да може да изнесе на референдум 50 отсто од гласачкото тело, што е нешто над 900.000 гласачи. Сепак, овие референдумски прашања ќе го стават ДПМНЕ во дефанзивна позиција. Ќе мора јавно да застане против интересите на народот, ќе мора да повика на бојкот или да го крши, по кој знае кој пат, Уставот и да не дозволи одржување на референдумите.

Ако ДПМНЕ, надвор од Уставот и законот, одбива да спроведе референдум на барање од 150.000 граѓани, тогаш опозицијата ќе може да организира пробни референдуми надвор од институциите! Тие референдумски прашања ќе донесат дополнителен маневарски простор. Ќе донесат дополнителен потенцијал за омасовување на движењето. Ќе го стеснат просторот на ДУИ, ДПА и ГРОМ.

Граѓаните ќе можат полесно да ја препознаат битката за нивните права. Нема да претставуваат легитимирање на институциите, туку обид да им се врати власта на граѓаните. Ќе значат делегитимирање на власта и поголем притисок за прочистување на нереалниот избирачки список. Со ваква иницијатива, опозицијата многу брзо ќе застане на нозе и ќе почне да наметнува своја агенда на политичката сцена во Македонија.

Поврзани новости