Излезе контроверзната книга за компанијата на Субрата Роj

by Фокус

По неколкумесечна судска битка вчера во Мумбаи излезе од печат книгата која хронолошки ја раскажува приказната за подемот и за падот на индискиот тајкун Субрата Рој. Книгата го носи насловот „Сахара: Приказната што не е раскажана“ и била промовирана во присуство на членови од регулаторното тело СЕБИ, кои ја оцениле како пресвртна точка по која се појавила дебатата за парабанкарството на Рој.

Субрата е во притвор уште од февруари, поради проблемите што ги има неговата компанија со индиската Комисија за хартии од вредност (СЕБИ) која го обвини за парабанкарство, односно дека надвор од банкарскиот систем собирал ситни депозити од околу 30 милиони Индијци. Комисијата во неколку наврати бараше тој да ги врати парите на „штедачите“, меѓутоа Рој тоа не го направи.

Издавањето на книгата долго беше одложувано бидејќи „Сахара“ го тужеше авторот на делото Тамал Бендиопадиај, новинар специјализиран во областа на економијата и на финансиите. „Сахара“ неодамна ја повлече тужбата под услов во книгата да се појави и објаснување од самата компанија.

Пред десетина дена индискиот врховен суд ја одби понудата Субрата Рој да оди во домашен притвор.

Поврзани новости