Политичарите ја направија Македонија мафијашка држава!

by Фокус

Текстот е објавен на седми ноември 2008-ма година во неделникот „Фокус“ во бројот 697

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Антологиски луцидната сентенца дека секоја држава има мафија, но некои мафии имаат сопствена држава, стана култна мисла кога се зборува за феноменот организиран криминал во периодот на транзицијата во посткомунистичките држави. Таа ја синтетизира преплетеноста меѓу институциите на системот и криминалните структури, а тоа го генерира постмодерниот организиран криминал во земјите во транзиција, смета Гроздан Цветковски, криминолог и аналитичар, кој континуирано ги следи и ги истражува темите поврзани со политичките и безбедносните феномени и предизвици.

Според него, главната искра на трансформација во посткомунистичките држави започна да се одвива преку политиката и криминалот како две конвергентни потпорни точки. Ваквата симбиоза го политизира криминалот и ја криминализира политиката, па тешко се препознава разликата меѓу подземјето и институциите, односно не се знае каде точно  завршува мафијата, а каде започнува државата, бидејќи мафијата функционира не како непријател на државата, туку како држава во држава.

Во таквите општества, покрај трите нивоа на поделени институционални власти – законодавната, извршната и судската, како и неформалната четврта власт која ја претставуваат медиумите – постои и полулегална скриена петта власт. Петтата власт е мафијата, всушност разните криминални организации како високопрофитабилен облик на организиран криминал. Се разбира, најпрофитабилни дејности на организираниот криминал се перењето пари, недозволеното производство и трговија со дрога, пролиферација на оружје, илегално складирање, и разни облици на трансфер, на нуклеарни и други опасни материи, како и трговијата со луѓе и криумчарењето на мигранти.

Затоа (се)присутноста на мафијата во сите области на живеењето се перципира преку синтагмите наркомафија, автомафија, зелена мафија, урбана мафија, фармакомафија, мафија во бели мантили…

ГРАБЕЖОТ ЗАПОЧНА ВО 1992-ТА ГОДИНА!

– Според истражувањето од ноември минатата година на италијанската асоцијација за мали бизниси „Конфесерченти“, најголема „компанија“ во Италија по обем на добивка е мафијата, чиј обрт на средства изнесува околу 90 милијарди евра годишно, а нејзини најголеми клиенти се претприемачите. Обртот на мафијата во Италија изнесува 7 отсто од БДП и е речиси двојно поголем од годишниот обрт на автомобилскиот гигант „Фиат“. Поедноставно кажано, тоа е „бизнис“ меѓу „мафијашките семејства“ но и меѓу нив и големи приватни компании.

Кај нас, во сенка на транзицијата, главната оска на трансформирање на капиталот се вртеше околу две потпорни точки – политиката и криминалот. Границата меѓу нив беше мошне тенка и скоро непрепознатлива, така што тие функционираа како едно тело со две лица. Основниот проблем за нивно разграничување е што тешко можеше да се одреди од каде започнува власта, а каде завршува криминалот. Имено, веднаш по осамостојувањето во 1991-та година, Република Македонија почна да се движи во погрешна насока со продуцирање на политички, економски,  безбедносни, социјални и морални кризи и конфликти.

Оттука, генезата на развојот на организираниот криминал во Република Македонија може да се лоцира во периодот од 1992-та година, кога и започна првиот бран на грабеж како резултат на создавање на невидливи мрежи кои го стимулираа и легализираа организираниот криминал. Тогаш од страна на трговските претставници на македонските извозно-увозни фирми во странство се присвојуваа парите и се  пренасочуваа во сопствени фирми. По извесно време, многумина од нив се вратија во Македонија како „успешни“ бизнисмени, докрајчувајќи ги матичните фирми преку докуп со огромни попусти.

Паралелно со тоа, овој бран на грабеж опфати и многубројни мали и средни претпријатија кои беа прогласени за загубари. Наместо да се развиваат или преструктурираат, за нив намерно се покренуваа стечајни постапки од страна на раководните лица кои разграбуваа цели гранки од индустријата, а вработените беа прогласувани за технолошки вишок или стануваа стечајни работници. Откупувајќи ги фирмите по багателни цени, тие станаа економски и политички моќни фактори. При тоа крајна цел на оваа нова и моќна „мафијашка партија“ е да биде криминален конкурент или партнер на државата.

Вториот бран на клептократија и криминализација коинцидираше со првиот, но беше и еден вид катализатор за создавање на организирани криминални структури во периодот на ембаргото кон тогашната Сојузна Република Југославија. Работата со шверц на акцизни стоки им беше доверена на поединци блиски до власта. Тие на нелегален начин, под патронат на државата, заработија големи износи на пари и го оштетија државниот буџет. „Бизнисот“ беше мошне вносен, така што по укинувањето на санкциите во 1995 година, во битката за поделба на пазарот многумина беа физички ликвидирани.

Третиот бран  претставува нус-продукт од претходните два, кога во 1996-та година со почетокот на криминалната приватизација се појавија „црните“ пари. Операцијата се изведе претежно од страна на поранешните социјалистички директори кои преку т.н. менаџерски откуп ги трансформираа успешните општествените фирми во сопствени, користејќи ги законските можности кои ги креираше тогашната власт.

Еден крак од тој македонски „мафијашки октопод“ води кон тоа што кај нас не се изврши лустрација во разумен рок по осамостојувањето на РМ, па тоа им остави маневарски простор на т.н. „македонски олигарси“ за прилагодување и промовирање како „нови демократи“. Со своето прилагодување, мимикрија, манипулација, влијание и моќ тие извршија редистрибуција на општествениот капитал и опструкција на реформите.

Нивниот начин на дејствување беше преку законски решенија да го легализираат криминалот, а за таа цел во невидливата широка мрежа на „петтата

(мафијашка) власт“ вклучија лојални и доверливи експерти за изготвување на нормативни акти според нивни теркови. Таков беше Кривичниот закон од 1996  година, каде во одредбата за одговорните лица во претпријатијата со општествен капитал се пропиша дека тие не можат да бидат санкционирани за кривично дело злоупотреба на службената положба, затоа што во тој период немале статус на службени лица!

За ваквата „креативност“ и „инвентивност“ овие транзициони правнички махери добиваа високи хонорари. Како и да е, значи сѐ беше подготвено да се разнебити државата, а во таква атмосфера на површината изби џганот кој од Никој и Ништо стана Некој и Нешто. За мошне кус период оваа каста на луѓе од дното се вивна на врвот и го реализира „македонскиот сон“.

Денес, тие и нивните наследници како деловни, ситуирани и угледни авторитети и бизнисмени, ја сочинуваат општествената елита, благодарејќи на мутираниот македонски процес на транзиција во кој државата не функционира со целосен капацитет поради неорганизираноста, а криминалот ефикасно функционира заради неговата организираност – констатира Цветковски во своето истражување за македонската приватизација, македонскиот криминален октопод и таканаречената петта власт, односно власта што е во рацете на македонското транзиционо подземје.

ПАРАЛЕЛНА ВЛАСТ

Според Цветковски, македонската комунистичка номенклатура знаела и очекувала дека сојузната држава и системот ќе се распаднат, па затоа десетина години пред распаѓањето тие систематски се подготвувале за опстојување во посткомунистичкиот период.

– Нивна стратегиска цел во Македонија беше да го задржат монополот на контрола на клучните процеси во земјата и по првите повеќепартиски избори во државата. Таквата стратегија ја операционализираа со времено „засолнување во политичкото подземје“ и создавање мрежа од паралелни структури кои ќе продолжат да влијаат врз креирањето на политичките и економските процеси од страна на легално избраната демократска власт.

Значи, со промена на организационите облици, дисперзија на кадрите и нивна селекција, македонската комунистичка номенклатура формира мали, елитни и доверливи структури кои продолжија да функционираат и по политичките промени во почетокот на 90- те години на минатиот век. Оттука, може да се констатира дека во целиот досегашен сѐ уште незавршен период на транзиција неуспехот за брз премин се должи на стартот, бидејќи Македонија уште во почетокот тргна во погрешна насока низ лавиринтот на транзицијата.

Всушност, таа почна да се спушта надолу, особено во периодот од 1991-ва до 1994-та година, што резултираше со анемија на законитоста и декапитација на институциите, при што обемот на државните дејности остана ист. По 1995-та година македонската транзиција се сврте налево, но моделот на приватизација сосема ја разнебити државата.

Во тој контекст проблемот со организираниот криминал долго време беше „политички спорен“, а главна причина за одбегнувањето да се признаат реалните димензии на овој феномен беше психолошкиот комплекс на власта дека со тоа всушност признава постоење на дезориентирана и нефункционална држава. Се разбира, сега веќе дефинитивно воопшто не е спорен фактот дека Македонија уште од почетокот на транзицијата се соочи со проблемот на организираниот криминал, иако власта тоа никако не сакаше да го признае.

Зачетоците на современиот транзициски криминал без дилема се во периодот од првата политичка влада, односно од 1992-та година. Значи, веднаш со стартот на транзицијата почна да се шири мрежата на организираниот криминал, а кон крајот на 1992-та година веќе се регистрирани и првите современи облици на рекет со присилна наплата на побарување од претпријатија кои даваа средства на заем – истакнува Гроздановски.

Според него, официјално прв случај на рекетарство беше регистриран во септември 1992-та година кога во Охрид беа уапсени четворица изнудувачи и уценувачи, а во март следната година се случи спектакуларна пресметка меѓу група рекетари и полициски инспектори во Градскиот парк во Скопје.

– Во јули истата година во Тетово беше киднапиран малолетник, а грабнувачите бараа откуп од родителите во износ од 150.000 тогашни германски марки. Во истиот период во Скопје се случи и киднапирањето на грчки бизнисмен заради наплата на долг. Меѓутоа, инволвирањето на криминалните структури во институциите особено беше  карактеристично со шверцот на разновидни куретни и акцизни стоки, што се одвиваше со знаење на полицијата и царината.

Тоа беше причина за предизвикување големи нереди на 6 ноември 1992 година на „Бит Пазар“ во Скопје, кога загинаа 4 лица. Повод беше обидот на полицијата да приведе  неколку млади лица од албанска националност кои препродаваа шверцувани цигари. Овие настани иако првично оставаа впечаток на меѓуетнички судир, сепак имаа криминална основа околу поделбата на пазарот и контрола на продажбата на шверцувани цигари.

Во секој случај веќе тогаш стана сосема очигледно дека тенденциите на развојот на криминалот во транзициска Македонија укажуваат на две константи. Првата беше наглиот пораст и појава на тешки облици на  кривични дела кои не беа карактеристични за претходниот систем, а втората се однесува на новата улога на криминалните структури во поглед на нивниот легален ангажман. Заедички именител на сето тоа беше тоталната криминализација на општеството – додава Гроздановски.

Хронолошки гледано, најкарактеристични криминални случаи во транзициона Македонија се: првите „деловни“ убиства во 1991 година во Охрид и на патот Струмица – Банско; случајот кога поради ривалство за сопственост на казиното во хотелот „Палас“, еден од партнерите го застрела другиот; случајот од ноември истата година, кога во багажникот на сопствениот автомобил беше пронајдено телото на познат наркодилер од Радовиш, по што дојде периодот на нарачани убиства.

– Во Охрид таква „мокра нарачка“ беше случајот кога поранешен офицер на ЈНА пред влезот од лифтот ги уби директорот на Охридската пошта и неговата сопруга. Истиот месец во  семејниот дом во Струмица од страна на непознати извршители со истрели од пиштоли со придушувачи извршено е групно убиство на транзиционен бизнисмен, неговата сопруга и синот.

Во тој период, значи во 1994-та година, се појави и политичкото рекетарство, кога триесеттина лица, кои претходно учествуваа во обезбедувањето на изборната кампања на „Сојузот за Македонија“, со метални прачки, безбол палки и синџири ја демолираа дискотеката „Хард-рок“ во Скопје со цел насилно да ја преземат како компензација за извршената партиска за дача.

Со започнувањето на процесот на транзиција, полицијата започна да регрутира криминалци дури и во легалните полициски структури, а во исто време политичките партии започнуваа да ангажираат припадници од криминалните структури за свои потреби. На тој начин започнува формирање на првото ниво на соработка меѓу полицијата, криминалните структури и политичките партии.

Таков класичен пример е случајот од ноември 1997-та година кога пред зградата на тогашниот ЗОИЛ Македонија во Скопје, по улична бркотница со автомобили меѓу две криминално регистрирани лица, едното лице, пред многубројни граѓани, со неколку истрели од пиштол го уби другото. По изречената пресуда долгогодишен затвор, судот одлучи убиецот, инаку близок со висок функционер во полицијата, да остане на слобода до правосилноста на пресудата, по што тој исчезна и стана недостапен за судските органи – вели Гроздановски.

Повисокото, второ ниво на соработка меѓу политиката, бизнис-лоби групите и криминалните структури, според Гроздановски интензивно се воспоставува во време на ембаргото кон тогашната СРЈ. Во овој период бизнис-партиските елити остваруваа големи профити со шверц на нафта, цигари и бакар, но и други илегални трансакции и фиктивни извози.

– Најголем дел од реализираната печалба наместо да се депонира во НБМ, со наменска цел за развој на државата, се  трансферира на приватни  сметки и банкарски конта во странство и  во оф-шор компании. Ваквиот начин на работа значеше рушење на системот, но беше и индикатор или тест за волјата на политичката елита за изградба на демократски институции и современа правна држава.

Во споредба со македонските транзициски „бизнисмени“, албанските „бизнисмени“ во земјата, а особено во дијаспората, голем дел од своите валкани пари приложуваа за „големо-албанската кауза“, и за лобирање во разновидни меѓународни центри на политичка моќ во светот.

Значи, кога станува збор за  Македонија и за т.н. транзиционен „бизнис“, парадигматични се случаите со фиктивен извоз на нафта и нафтени деривати од страна на „Скопската рефинерија“ и „Макпетрол“, и тоа во време кога Рафинеријата беше еден од најголемите загубари; потоа „трговијата“ со фалсификувани цигари во македонските тутунски комбинати, особено во Тутунскиот комбинат во Куманово, и нивниот извоз во Црна Гора, како и продажбата на бакар од српскиот рудник Бор преку Бучим од  Радовиш за што се издаваше сертификат за негово наводно македонско потекло.

Потврда за големите операции на „перење“ пари се податоците од  Министерството за финансии според кои вкупниот извоз на Република Македонија во 1998 изнесувал околу една милијарда долари, што е незамислива сума а тоа значи дека овој износ претставува класично перење пари од криминални трансакции и корупција. Парите легализирани низ Македонија потоа беа вложени  во процесот на приватизација или преку оф-шор фирми како странски инвестиции, а значителен дел беа потрошени и за финансирање на политичките партии во власта – смета Цветковски.

ПРИВАТИЗИРАЊЕ НА ПОЛИТИКАТА СО „ВАЛКАНИ ПАРИ“?

Според истражувањето на д-р Гроздан Цветковски, кое, наскоро, во издание на „Матица македонска“ и „Силсонс“ од Скопје треба да излезе како студија за македонскиот криминално-политички октопод, доколку приватизацијата во Македонија се изведеше врз основа на пазарни законитости и беше поправична, ќе се создадеше вистинска средна класа како носечки столб на демократијата и пазарното стопанство.

Наместо тоа, тврди Цветковски, општествените претпријатија ги приватизираа поранешни социјалистички директори и политичката номенклатура која беше наследник на Сојузот на комунистите со што нивното предимство и   влијание стана уште поголемо. Во услови на отсуство на јасни законски прописи, криминализација и корупција, ваквите структури остваруваа екстра профити со стотици и илјадници проценти, и набрзина станаа големи и успешни бизнисмени.

– Кулминација на рекомпонирањето  на институциите претставуваше атентатот врз тогашниот претседател Киро Глигоров. Извршителите и мотивот останаа непознати до денес, иако по настанот започнаа најобемните полициски истражни дејствија за што се заведе оперативната акција „Автомобил“. Крајниот резултат се сведе на три фиктивни и индикативни, но непотврдени верзии: наводна вмешаност на бугарската корпорација „Мултигруп“, потоа  таканаречената „Братиславска врска“ со српско-албанска комбинација и на крајот дека во атентатот се инволвирани српски, односно југословенски воено-разузнавачки структури.

Од денешна дистанца јасно е дека атентатот имаше политичка димензија и во него веројатно се инволвирани странски и домашни елементи. Сомнително е тоа што излезе дека немало никакви оперативни сознанија за можност од евентуален атентат, иако претходно по стоеја одредени навестувања и индиции. Такви беа, на пример, упатувањето на заканувачки писма до претседателот или пак кражбата од магацини на АРМ на далечински управувачи за активирање на експлозив.

Круна на неодговорноста и нефункционирање на институциите беше одлуката на Собранието на Република Македонија да го одбие предлогот од опозицијата да се формира Анкетна комисија во врска со атентатот. Овој терористички атак врз претседателот навестуваше натамошна криминализација на државата.

Тој хаос здушно го искористија стотина граѓани на Македонија, членови на некогашната стопанска номенклатура и припадници на нивните семејства, кои поддржани од партиската и пријателска мрежа успеаја да приграбат 2/3 од елитните претприемачки позиции во државата. По стекнатото богатство со легализирање на грабежот, и со авторитет на „чесни бизнисмени“, многумина од нив се обидуваа и, за жал, често успеваа да ги „приватизираат“ и политичката и судската власт, со влијание врз нив во донесување на битни одлуки или пак со директно вклучување во политичкиот живот.

Имајќи го сето тоа предвид, може да се констатира дека Република Македонија остана без менаџерска елита затоа што наместо вистински менаџери во македонската економија се создаваа рентиери и спектатори, т.е џамбази и аљази кои евтино купуваа и препродаваа, наместо да финализираат производи и да излегуваат на пазарот.

Од друга страна, само по основ на дивиденда во изминатите 17 години од Македонија се одлеани стотици милиони евра, од кои половината на оф-шор сметки на Кипар, Кајмански Острови, Холански Антили, Панама и други дестинации. Поради немање на капацитет, партизирање и етнизирање на политиката, значаен дел од криминалот и корупцијата се фокусираат во политичката и бизнис елита.

Зад кулисите на „оазата на мирот“, егзистираше „оазата на криминал и корупција“ така што новата македонска демократска  држава започна да функционира на корпоративен принцип како акционерско друштво со неограничена неодговорност.

Една од најилустративните теми за транзиционата криминална Македонија, актуелна и деновиве, секако се цигарите. Декларирањето на цигари како производ на реално постоечки или пак фантомски локални фабрики, а не како произведени во трета држава е еден од каналите за огромни заработки на подземјето. Во Македонија шемата беше користена на тој начин што произведените цигари од Тутунскиот комбинат во Куманово без царина се изнесуваа во Србија и на Косово, по што голем дел илегално се враќаа во Македонија.

Според податоците на МВР само од јуни до септември 2000-та година, на пример, на овој начин биле прошверцувани над 1.300 камиони цигари од што организаторите, поврзани со Владата, оствариле приход од околу 57 милиони долари.

Во ваков криминоген амбиент политичката и бизнис елитата се генератори на кризата и главни креатори на деструкцијата на македонската држава. „Бесните кучиња“ на транзицијата влегуваа и излегуваа од власта наизменично и без оглед на која политичка опција припаѓаа, оставајќи траен белег во профилирањето на македонската држава.

Денес, по цели 17 години транзиција на мултиетничка и крајно поделена Македонија, ноторен факт е дека сите досегашни политички елити, произлезени од поранешниот систем и од новоформираните политички партии, беа главниот генератор на процесот на мафијазирање на државата.

Затоа голема илузија е да се очекува претстојната лустрација да ги опфати, на пример, организаторите и актерите на кршењето на југо-ембаргото, креаторите и извршителите на грабежот на општественото богатство или пак предизвикувачите и профитерите од војната во 2001-та година.

Едноставно тоа нема да се случи бидејќи сме заложници на транзициска криминализација на политиката и политизација на криминалот. Освен тоа, во таков амбиент се практикуваше контрапродуктивна и неодговорна политика со провинциски марифетлуци, нефункционални и партизирани институции, бавни реформи и немање економски развој што продуцираше клептократија и спрега меѓу политиката и криминалот.

Затоа, до колку нашата политичка „стратегија“ и натаму е „што ќе биде нека биде“, отворено се поставува прашањето каде оди и каква ќе биде иднината на Република Македонија – смета  д-р Гроздан Цветковски.

Поврзани новости