Влада: Пртходната влада ја рашири корупцијата, ние сме целосно посветени на препораките

by fokus

По оценката дека Владата тешко се справува со корупцијата, од Владата информираат дека целосно се посветени на спроведување на препораките од ГРЕКО.

Оттаму додаваат дека тоа е видливо преку спроведување на три препораки што се однесуваат на Владата во период од само една година, за разлика од однесувањето на претходната власт, за која, како што велат, е причинител на коруптивните состојби и која за период од цели четири години (2013-2016) спровела само три препораки на ниво на сите институции во државата.

„Владата спроведува концепт на отвореност, отчетност и транспарентност, вложувајќи ги сите напори за целосно спроведување на препораките на меѓународните институции, а кои се однесуваат на корупцијата која во општеството ја распространи претходната власт. Наследната состојба во 2016, токму според извештајот на ГРЕКО, наведува дека од вкупно 19 дадени препораки, Република Македонија задоволително имплементирала само три препораки, 10 останале делумно имплементирани, а шест неимплементирани. Со овој извештај, ГРЕКО даде рок до 31 јануари 2018 година да се исполнат преостанатите препораки, а Владата тоа ќе го почитува и ќе го спроведе во целост“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека во делот на препораките кои се однесуваат на Владата, за една година биле имплементирани три нови препораки, пред сè со направените измени во Законот за Судскиот совет и Законот за судовите.

„Подготвен е Акциски план за реализација на преостанатите препораки на ГРЕКО од четвртиот круг на евалуација на Република Македонија коишто се однесуваат на сите наведени институции. Од преостанатите 13 препораки кои треба да се имплементираат, само две се за Министерството за правда“, додаваат од прес-службата на Владата.

Појаснуваат и дека еден дел од преостанатите препораки ќе се имплементираат со усвојувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата, чија подготовка е во тек, а текстот ќе биде доставен од работната група до Министерство за правда, до крајот на август 2018 година.

„Со новиот Закон за јавното обвинителство ќе се исполни уште една препорака што се однесува на дисциплинскиот режим на обвинителите. Текстот за Законот за обвинителство се подготвува од страна на експертска работна група и треба да биде готов до декември 2019. Останатите препораки треба да бидат реализирани од Собранието на РМ, како и од независните тела за борба против корупција“, се наведува во соопштението во кое уште се вели дека враќањето на правото и правната држава и неселективната борба против криминалот и корупцијата е императив за оваа Влада.

Поврзани новости