Централното градско подрачје во Скопје ќе биде затворено за сообраќај на 7 мај, од 6.00 часот утрината, до 19.00 часот, по повод доаѓањето на папата Франциск, кој утрината ќе одржи света миса на плоштад Македонија. Од Владата велат дека сообраќајот ќе биде пренасочен на другите улици и булевари околу центарот на градот.
Отворени за сообраќај ќе бидат булеварите „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „Св. Кирил и Методиј“, „Св. Климент Охридски“, „Партизански одреди“ и булеварот „Гоце Делчев“.
-Им порачуваме на оние граѓани кои живеат во централното градско подрачје дека ќе биде затворено за сообраќај. Ако сакаат на 7 мај да ги користат своите возила треба претходниот ден да ги извадат надвор од оваа зона, затоа што на 7 мај нема да можат да излезат – порача денеска владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.
Тој испрати апел до граѓаните да користат јавен градски превоз, кој тој ден ќе биде бесплатен за сите и додаде дека движењето на пешаците низ Скопје ќе биде непречено.