Вкупно 28 години затвор за еден македонски државјанин и тројца странци од Пакистан за криумчарење мигранти. Ова е пресудата која ја донесе Кривичниот суд, a Обвинителството информираше дека докажале дека мигрантите биле изгладнувани, тепани со цревo, а обвинетите изнудувале и пари од нивните роднини.
-Првообвинетиот Б.А. (45) македонски државјанин по признавање на вина на главната расправа, е огласен за виновен и судот му изрече казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, додека на тројцата државјани на Пакистан Ш.Р. (40), М.Х. (28) и А.Р. (23) им се изречени затворски казни во траење од по 8 години.
Постапката против обвинетите започна по добиена информација од страна на органите на Р.Србија кои добиле пријава од пријател на две жртви. Вечерта на 01.11.2019 година околу 22:00 часот беше спроведена полициска акција и при претрес на куќата на Б.А. беа пронајдени дванаесет мигранти меѓу кои и две малолетни лица.
Во истражната постапка надлежниот обвинител утврди дека во периодот од средината на октомври 2019 година до 01.11.2019 година, во с.Ваксинце Кумановско-липковскиот регион, четворицата обвинети заедно и по предходен договор прифатиле и засолниле мигранти по потекло од Индија, Авганистан, Пакистан и други земји од Азија. Со намера да се стекнат со материјална корист за себе и за Б.А, обвинетите Ш.Р., М.Х. и А.Р., постапувале особено понижувачки и сурово кон мигрантите, присилно држејќи ги мигрантите спротивно на нивната волја во дел од куќата сопственост на обвинетиот Б.А.
Жртвите добивале еден оброк дневно, биле физички малтретирани, а поради пластичните црни кеси залепени на прозорците го изгубиле чувството за време и не знаеле дали е ден или ноќ.
Во таква состојба на дезориентираност, чувство на глад и страв жртвите биле тепани со црево од страна на обвинетите Ш.Р.и А.Р. кои потоа на мигрантите им ставале нож под грло држејќи ги од зад грб и им се заканувале дека ќе ги убијат ако не платат или нема да им дозволат да продолжат по мигрантската рута. Ваквите настани обвинетиот М.Х. ги снимал со телефон, а потоа видео – клиповите ги испраќал на роднините на мигрантите, укажувајќи им дека доколку не им испратат пари, нивните роднини ќе бидат убиени или нема да им дозволат да ја напуштат куќата. Роднините на мигрантите биле присилени по пат на „хавала систем“, да ги испратат бараните средства коишто мигрантите му ги давале на рака на обвинетиот М.Х. Доколку договорените износи не биле навремено испратени, обвинетите Ш.Р., М.Х.и А.Р. ги тепале мигрантите со црево, а малолетните жртви ги присилувале и да чистат.
Обвинителството во текот на расправата докажа дека на овој начин биле оштетени: мигрант од Авганистан кој веднаш по пристигнувањето во куќата платил 120 евра колку што имал во моментот, а дополнително платил уште 700 евра што му биле испратени од роднините, двајца мигранти од Индија кои кога пристигнале во куќата платиле 700 евра и 600 евра, а по пет дена престој, исплашените роднини ветиле дека ќе испратат уште по 1000 евра, но парите не пристигнале до 01.11.2019 година кога обвинетите се приведени, двајца мигранти од Индија веднаш по пристигнувањето дале по 1.000 евра, но обвинетите им побарале да доплатат уште по 1.300 евра, на што се согласиле нивните семејства, но парите не пристигнале, мигрант од Авганистан платил 1.000 евра што му ги испратиле роднините, мигрант од Индија платил 500 евра, а малолетен мигрант од Авганистан и покрај тоа што на обвинетите им дал 700 евра што ги испратил вујко му бил задржан наредните 10 дена со цел да плати уште 500 евра, кои не пристигнале до 01.11.2019 година, информираат од обвинителството.