Четири медицински лица од „Ремедика“ во самоизолација по породувањето на жената со ковид-19, велат од ДСЗИ

by Fokus

Четири медицински лица од приватната болница „Ремедика“ се во самоизолација кои учествувале во породувањето на жената која пред три дена се породила во оваа болница, а за која е утврдено дека е позитивна на коронавирус, соопшти директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Бухова.

Се работи за родилката која претходно на 6 овој месец била примена и на Клиниката за гинекологија и акушерство и каде што не открила дека имала контакт со лице кое е позитивно на ковид-19, додека во „Ремедика“ кажала дека во семејството има член со респираторен проблем. По извршениот надзор во двете болници не се утврдени прекршувања на алгоритмите и протоколите за заштита од ковид-19. Сѐ уште се чекаат изјавите од лекарите и сестрите од ГАК кои биле на работа на 6 јуни, кога пациентката самоволно ја напуштила клиниката, за два дена потоа да оди во „Ремедика“, кога процесот на породување бил започнат – истакна Бухова.

Според досегашните наоди, сите од медицинскиот персонал на ГАК, кои биле во контакт со пациентката, носеле заштитна опрема, па според директорката на ДСЗИ немало компромитирање ниту на вработените ниту на пациентите.

Поврзани новости