Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави вториот месечен извештај од следењето на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од 19 декември 2015 до 29 јануари 2016 година, што се реализира во рамки на проектот „Мониторинг на демократијата во Македонија (МОДЕМ).
Според резултатите од извештајот, трендот на пропагандистичко известување на МТВ 1, МТВ 2, Сител, Алфа и Канал 5 во полза на власта, а особено во полза на партијата ВМРО-ДПМНЕ, продолжува. Продолжува и уредничката конвергенција кај овие медиуми, јасно видлива од изборот на исти теми, исти цитирани извори и ист агол на обработка, така што прилозите на различни телевизии изгледаат како да се уредувани од ист центар на моќ. Анализата на главните вести на МТВ 1, МТВ 2, Сител, Алфа и Канал 5 покажала дека во врамувањето на политичките настани и актери овие теливизии користат иста логика на аргументација како и ВМРО-ДПМНЕ.
Сегмент во кој има некаков напредок се дебатите, кои ги има почесто. Сепак, и во оваа форма петте провладино-ориентирани телевизиски канали (МТВ1, МТВ2, Сител, Канал 5 и Алфа) и во актуелно-информативните емисии настојуваат да ги пропагираат првенствено гледиштата на владејачките политички структури, а на опозициските ставови и мислења или воопшто не им даваат простор или крајно ги напаѓаат и демонизираат.
Во дадениот период, телевизија Сител објавила 62 прилози на актуелни политички теми. Во најголем број од новинарските прилози е известувано за аферата со (1) фалсификуваните лични карти (12 прилози), потоа за (2) предавањето на материјалиот од прислушувањето на СЈО (5 прилози) и исто толку за (3) владиниот проект “Куќа за млади“ (5 прилози). Во речиси сите новинарски прилози на оваа телевизија има одреден став на новинарот (или уредникот). Во 19 прилози на овие теми забележан е фаворизирачки став кон ВМРО – ДПМНЕ (и Владата), додека во 28 прилози, има негативен став кон СДСМ (опозицијата), со изразен интензитет, конкретно во однос на првите две теми.
Направена е и анализа за тоа дали во актуелно-информативните емисии има говор на омраза. Како емисии во кои се шири говор на омраза се посочени „Јади бурек“ на Јанко Илковски и „Миленко Лејт најт шоу“ на Миленко Неделковски. Според анализата, двајцата водители дискириминирале врз основа на политичко односно друго уверување на сите кои ја критикуваат власта. Во изданието од 15 јануари, Неделковски во речиси третина од емисијата ја напаѓа грубо опозицијата и одделни нејзини претставници, служејќи се со негативни квалификации, отворени лични навреди и вулгарности.
Телевизии кај кои постои практика на аргументирана критика кон политичките актери се 24 Вести, Алсат М (македонски и албански) и Телма. Заклучокот на истражувањето е дека сепак тие немаат моќ да создадат контра- тежа од спротивставени информации што на гледачот би му помогнале самиот да ја оформи сликата за реалните настани.
Катерина Смилева