Деновиве власта се обидува со уште еден трик да прикрие уште еден пораз на нивните политики. Поразот во политиките во образованието. Денес поради погрешните политики се студира подолго, а просекот и квалитетот опаѓаат. Откако паднаа во вода сите кампањи и квази реформи, откако на пазарот на трудот се појавија бескрајно многу дипломи со сомнително знаење, власта наместо да признае дека сѐ било грешка, најави нова „реформа“, т.н. екстерно оценување на студентите и воведување државен испит.
Бидејќи власта ништо не препушта на случајот, си ги вклучи своите дежурни бранители, да бранат нешто што е противуставно, противзаконско и во суштина глупо на квадрат. Некој од бранителите се залета да го споредува овој упад по терк од Данска, што секако не е точно, земја каде што на пример еден министер за образование си поднесе оставка зашто јавноста откри валкани тоалети во едно училиште.
Или, пак, дежурниот оправдувачки Бранко Ѓоргевски од „Дневник“, човекот кој нѐ убедуваше дека во Шведска се живее многу полошо отколку во Македонија, се обиде да ја брани оваа идеја на Владата со шовинистички текст: „пуштете ја, таа и така нема да работи на струката, туку ќе се мажи“. Секако, ваквите навреди во земја каде што жените немаат право да одлучуваат за сопственото тело, се фаворизира да раѓаат, а не да работат, а според УМС најдобро да месат пити, одамна не се тема за дебата, најмалку за одамна мртвиот клуб на пратенички.
Овој обид на владата нема никаква врска со светската практика и има за цел да ги заплаши, уцени и да ги казни сите што ќе се побунат за мувлата во студентските домови или за партизацијата на образовниот процес. И да немаме дилема, ова не е обид за загрозување на автономијата на универзитетите. Нив одамна ги нема, нивниот крај, за жал, почна со булдожерскиот (и не само метафорично) упад на Ивица Боцевски како вицепремиер на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
ВМРО-ДПМНЕ во процесот на партизација на општеството особено внимание му посвети на високото образование. Притоа, не жалеше пари и медиуми. И тоа го правеа континуирано од 2006 година до денес. За да формираат вештачки партиски наставен кадар, формираа стотина факултети и именуваа на секој од нив по 5 „тазе“ професори со „тазе“ дипломи, најчесто од соседството. Не се одбираше место за нив, од работничка менза во Охрид, до факултет за информатика во шупа во Берово, додуша без компјутери, ама тоа нели нема врска.
Потоа, секако со измени на Законот за високо образование воведоа одредби сѐ да зависи од ректорот и од министерот. Има ли потреба да потсетам дека тоа е ерата на министерот за сѐ и сешто, Тодоров?
Ставија капа на критериуми за стекнување научни звања, кој може да биде ментор, кој смее да е визитинг професор. Па, грешно преведуваа значајни книги, намерно не плаќаа за греење на одделни факултети, и што уште не. А, да, и панихида на почетокот на студентската година организираа. По теркот на Милошевиќ, само во Србија во тоа време само еден декан се појавил, а кај нас, деканите се тепаа кој поголемо масло и пешкир ќе однесе. Образованието во Македонија во последните 8 години се темелеше на два столба: партизација и популизам.
Изгледа заборавиле дека уште во 2011 година формираа Агенција за акредитација и евалуација. Не за подигнување на квалитетот, туку за дисциплинирање на професорите кои својот револт за набрзина донесениот закон за високо образование го изразија и со штрајк пред ректоратот. Денешниот предлог е доказ дека Агенцијата не си ја врши својата функција, доколку знаат дека постои, иако гарант чини пари, но ниту може тоа да го направи.
Особено не Агенција, одбор кој во себе има професори, истакнати партиски протагонисти (Саркањац, Поповски, Неновски) или, пак, студентски претставници (Живковски) длабоко навлезени во партиската инфраструктура на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ни се случува кандидати со позитивни рецензии со административно гласање да не бидат избрани, а оние што повеќе зборуваат и пишуваат во јавност и да бидат избркани од факултет. Настаните од Штип се највидлив доказ за тоа.
Единствено се сложувам дека ова било последен дел од проектот за реформа на образованието. Тој навистина и ќе биде последен зашто нема да има на што повеќе да се експериментира.
Министерот Адеми решил да им ги скрати маките на некои и наместо на медицина ќе ги префрла на електро или од економија на земјоделие. И тоа онака, од небо право во ребро. На пример некој студент има десет десетки и една шестка по некој предмет што не му е баш ќеф.
И на ждрепка, токму тој и се паѓа за полагање, и без разлика што студентот е четврта година, двоецот Адеми и Спиро (во понатамошниот текст Зулуфиќари) ќе го истераат од факултет.
Па, и од Зулфиќари да е, многу е. Родителите на студентот плаќале 4 години, овој возвратил со солиден просек, ама ете на државниот испит по некој шкљ предмет паднал и?
И „Дома!“, вика Зулфиќари. И како мислат тоа да го направат, во државен испитен центар? За Финки по компјутерски мрежи, на пример, кој ќе ги мисли прашањата? Амди Бајрам и Бонева? За на економски факултет Веле Самак? Ахмети за одбрана и безбедност ќе спрема прашања за екстерна евалуација? Орце за земјоделски веќе е капарисан. Коце гарант веќе ги има у ракав прашањата за хидро смер на градежен. Најлесно ќе им е на студентите на политички студии, таму Трајко ќе евалуира екстерно за парламентарна демократија. И во Америка каде што има милион универзитети само т.н. пријателски универзитети и слични по содржина на знаење си помагаат со надворешна евалуација. Ама не за да казнат и за да избркаат некого, туку да видат до каде се во однос на нивните пријатели универзитети.
Во Европа ситуацијата е поинаква, таму универзитетите се обединети под мотото: силни универзитети за силна Европа. Декларацијата од Глазгов на силните универзитети се темели на автономијата на истите, автономија во курикулумите и финансирањето пред сѐ. Но, така е во Европа, кај нас власта си ужива во ќор-сокакот и баш ѝ е гајле за Европа.
Секоја власт која ѝ мисли добро на иднината на Македонија, мора да ги тргне рацете од образованието, да обезбеди инфраструктура и толку. Распределбата на финансирањето на универзитетот да го врати на универзитетот, фондот за финансирање да профункционира. Фасадите барокни да не се прават, 100 одлични докторати ќе има Македонија, докторати од кои сите ќе имаме ќар. Да се стимулираат магистратури и докторати со практичен пристап од нашето општество и финансиски да се поддржат. За потребата од студентски град, неминовен дел од вистинските реформи, веќе пишував во минатата колумна.
Ваквиот однос кон образованието има и дополнителна штета. Имено, овие погубни политики изгрaдија уште еден пат освен ќор-сокакот, а тоа е за жал еднонасочниот пат кон аеродромот. Тие со знаењето и квалитет го избраа тој пат.