„Виножито“ се противи Грк да биде одговорен за малцинствата во ЕУ

by Фокус 12:17
12:17

Политичката партија на Македонците во Грција, „Виножито“ бара да се повлече предлогот поранешниот грчки министер за одбрана и за надворешни работи Димитрис Аврамуполос да биде новиот еврокомесар за миграција и за внатрешни работи.

– За нас едноставно е незамисливо поранешен грчки министер кој бил на должност можеби најдолго во последниве 25 години, да се грижи за малцинствата, основните човекови права, да се бори против расизмот, ксенофобијата и хомофобијата на територијата на цела ЕУ. Поготово ако се земе в предвид фактот дека Грција се наоѓа најдолу во ЕУ кога се во прашање заштита на различноста и борба против расизмот и против хомофобијата – велат од „Виножито“.

- Advertisements -

Најголемиот експоненет на земјата која официјално нема етнички или лингвистички малцинства сега треба да ги заштитува истите, предупредува партијата.

– Овој министер во неколку грчки влади, кои со децении досега, го забрануваат влезот на стотици Македонци во Грција, дури и ако тие имаат европски пасош, тој сега треба да го надгледува спроведувањето на Шенгенскиот договор. Личноста која само неколку дена пред да отпатува во Брисел гласаше за подлиот „анти-расистички“ закон кој предвидува дури и затворска казна за тие што порекнуваат фиктивен „геноцид“ и што го негира правото на истополовите двојки да имаат легално загарантиран заедничи живот, овој човек треба да се бори против расизмот и против хомофобијата – коментираат од партијата на грчките Македонци.

„Виножито“ е рамноправен член на Европската слободна алијанса, која заедно со Зелените ја формираат четвртта најголема група во Европскиот парламент и партијата бара да се тргне номинацијата на Аврамуполос

– Ако ова не се случи, ќе предложиме Зелените негативно да гласаат за целиот нов состав на Европската комисија. Невозможно и неприфатливо е грчкиот волк да се грижи за европските овци – велат од „Виножито“.

Поврзани новости