,,ВИЛАТА НА ЗАЕВ’’ ВО ГРЦИЈА – ТРИК ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ НА НАИВНИ ТУРИСТИ

by fokus

 

Зоран Заев сепак нема вила, ниту пак било какви други недвижнини во соседна Грција, според имотниот лист кој што е објавен на официјалната страница на Државна комисија за спречување на корупција. Неговиот имот се состои од куќа, стан, деловен простор, земјоделско земјиште, акции и орочени девизни и денарски заштеди. Луксузната вила во Пефкохори која што беше топ тема долг период, очигледно дека била уникатен начин на снаодливи нашинци кои што закупиле вили за изнајмување во Грција, да привлечат наивни туристи, убедувајќи ги дека и политичарот има вила во близина, и често престојува таму.

Приказните дека Заев поседува луксузна вила во соседна Грција започнаа уште пред околу четири години. Тогаш, нашинци кои што летувале во Пефкохори, тврдеа дека сопственици на вилата во која што биле на летување, им кажале дека прв комшија им е Зоран Заев, и ако имаат среќа, додека престојуваат таму, ќе можат да го забележат како се капе во базенот, или пак се релаксира со семејството во градината.

,,Бевме да бараме сместување во Пефкохори и во најубавиот дел на местото најдовме вила чиј што прв комшија е никој друг, туку Зоран Заев! Тоа ни го кажаа сопствениците на вилата која што ја разгледавме, но и на други вили во околината, инаку нашинци, па сакајќи за време на одморот да бидеме соседи со Заев, без размислување откупивме соби. Не успеавме да го видиме додека бевме на летување, но вилата за која што нашите газди тврдеа дека е на Заев, беше навистина прекрасна’’ – ни раскажаа тогаш туристи од Кавадарци, кои што за својот престој во вила во ,,соседството’’ на Заеви плаќале по 60 евра од ноќ.

За да ја провериме информацијата, тогаш телефонски го контактиравме Заев, кој што беше изненаден од прашањето.

,,Значи кај нас секогаш од ништо може да се направи голема работа.  Пред извесно време со семејството навистина бев во Пефкохори, на  викенд. Но далеку од тоа дека сум купил било каков имот таму! Заминав  на покана од блиски семејни пријатели, во нивната вила и тоа беше се.

Додека шетавме низ наслебата, многубројните нашинци кои што летуваа  таму ме препознаваа, ми приоѓаа да се ракуваме, да размениме по некој  збор. И ете некој си направил цела приказна од мојата посета таму. Но да изнајмувам за цело лето или пак да купувам вили низ Грција никогаш не сум помислил’’ – ни изјави тој уште пред околу четири години, кога веста дека има имот во Грција се пренесе во повеќе медиуми.

За разлика од Заев, во имотниот лист на Никола Груевски пишува дека тој не располага со недвижен имот и дека има заштеди во повеќе странски валути, а пријавил и долг од околу 5.000 евра.

Груевски , според имотниот лист заштедил 48.265 евра, 7.318 швајцарски франци, 250 долари, 600 британски фунти и 10.036.572 денари (163.196 евра), а на име на неговата сопруга Боркица се пријавени 8.000 евра на име штедни влогови.

Груевски пријавил 33 уметнички слики во вредност од приближно 11.000 евра. Осум слики од нив се наведени прв пат во овој анкетен лист. Во 2015 година имал пријавено 25 слики.

Вики Клинчарова

Поврзани новости