Изминатиов викенд во Крушево се одржа фестивалот „Кога во Крушево“ шеста година по ред, собирајќи ги авантуристите на едно место. Тоа всушност е и целта на фестивалот, да ги промовира крушевските природни убавини на тие кои се зависни од адреналин
Почнувајќи од петокот па се до вчера, присутните посетители на овој настан можеа да се дружат меѓу себе, да планинарат, да учествуваат на велосипедски тури, кајакарење, летање со параглајдер и уште многу други активности.
Сето тоа беше проследено со забава во ноќните часови со разни изведувачи од Македонија.
На првиот ден од фестивалот стигнаа камперите, кои беа сместени покрај Крушевското езеро, а за музичкиот дел се погрижија ди-џеј Естефано, Деј оф и Гоце САФ. Во саботата наутро беа планинарските и велосипедските тури низ пределите на Бушева планина, а попладнето се одржа трка од пет километри низ Крушево.
Вечерната забава ја направија ди-џеј Мемба Квин, Паркети и Срилик, а во неделата се затвори фестивалот со летањето со параглајдер, денска забава покрај езерото, кајакарење, јавање на коњи, качување по вештачка карпа.
Јорданчо Цветаноски