(ВИДЕО) Жестоки реакции на граѓаните против урбанистичкиот план за Аеродром

by Фокус

Жителите на општина Аеродром, поточно оние кои живеат во квартот познат како Острво (позади Т.Ц. Скопјанка) денеска имаа можност да го погледнат Деталниот урбанистички план за своето маало, исто како што претходно имаа и жителите од другите делови на општината. Многумина од нив реагираа затоа што не се предвидени ниту нови зелени површини, ниту спортски терени, туку само станбени и деловни згради. Граѓните наведоа дека само во нивното маало има предвидено нови 12 објекти, а на ниво на цела општина повеќе од 40.

Тие налутени на градоначалникот Ивица Коневски, лутината ја истурија врз службеничката која беше назначена од општината да го брани новиот урбанистички план на денешниот јавен увид. Нејзиниот став беше дека се градат само три нови згради во Острво, додека другите биле испланирани уште пред неколку години, но не се изградиле. Сепак, на крајот испадна дека три се нови, но и другите девет, иако биле предвидени од претходно, сепак, предвидени се да се изградат врз тревници, паркови и спортски терени.

Службеничката се правдаше дека овој Детален план е согласно Генералниот план за Скопје, но не сакаше да признае дека планот не може да се донесе без консултации и без знаење на општината. Видеата на Фокус потврдуваат колку гневни беа граѓаните затоа што во најзагадената скопска општина наместо да се садат дрвја и да се градат терени за спорт, урбаната мафија ќе продолжи со узурпација на јавниот простор.

По случувањата во општина Карпош и тука, во Аеродром, граѓаните најавуваат протести и жив штит за одбара на животната средина.

Видеото е ексклузивна содржина на фокус.мк

Поврзани новости