Како што објавивме претходно, министерството за одбрана ја започна „прљавата” кампања преку армиските структури уште првиот ден кога објавивме дека ќе има протести на 7 ноември.
За да се затскрие неуспешното водење на министерството за одбрана за катастрофалните услови, малите плати и нееднаквите права меѓу припадниците на Армијата, министерот Владо Мисајловски го вклучи и началникот на генералштабот да ја промовира политичката ПиаР кампања меѓу војниците, но Мисајловски отиде чекор понатаму со единствена цел да се врши влијание и притисоци врз професионалните војници да не излезат на закажаниот протест, соопшти Александар Насковски, претседател на Независниот синдикат на професионални војници.

Тој вели „Како што бевме информирани од десетици професионални војници , дел и членови на синдикатот, минатата недела во касарната “Јане Сандански” во Штип се обратил началникот на генералштабот пред 200 професионални војници со јавно искажани притисоци и закани кон војниците да не излезат и да не го поддржат закажаниот протест пред владата организиран од Независниот синдикат на професионални војници“.
„Ова е очекувана реакција од генералштабот , бидејќи зад оградите во касарните владеат децениски закани, мобинг , дискриминација и психичко малтретирање на професионалните војници со цел да бидат исплашени и уценети за да не го остварат своето право на пензионирање.
Генералштабот на чело со началникот ја спроведуваат таа заплашувачка кампања , бидејќи секој војник знае дека токму генералштабот бил отсекогаш против барањата на професионалните војници да бидат на неопределено време во Армијата. Целта е секогаш да бидат на определено време и на 4 годишни договори за да се врши секојдневен мобинг и дискриминација врз сите 3.000 професионални војници. Заканите и притисоците ги спроведуваат и сите починети команданти во сите касарни низ државата, заедно со безбедносните служби во Армијата“ вели Насковски.

Поради овие случувања како синдикат, „не смееме да премолчиме и затоа денес до Основното јавно обвинителство Скопје поднесовме пријава против началникот на ГШ за злоупотреба на службената положба и овластување и спречување и смеќавање на јавен протест, што е казниво по член 353 и 155 од кривичниот законик.
Синдикатот никогаш нема да потклекне на притисоци од МО и ГШ, и војниците ќе излезат да се изборат за своите права, не не сопреа во 2008/2009 нема да не сопрат ни денес! Дел од професионалните војници го известија синдикатот дека поседуваат материјален доказ (снимка) за притисоците и заканите врз професионалните војници.

Притисоците и заканите се доказ дека сме на вистинскиот пат и барањата на професионалните војници се оправдани и легитимни, само Пиар кампањата со лаги и манипулации е лажна и неоправдана , а ја видовме многу во изминативе денови организирана од министерството за одбрана и генералштабот.
Се гледаме на 7 Ноември во 11 часот пред Владата на Република Македонија“.