ВИДЕО Заев: Условите на пратениците од опозицијата кои гласаа „за“ не се пречка ниту проблем

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, вети инклузивен процес за скицирање на амандманите, во кој активно, рече, ќе биде вклучена и опозицијата. Тој денеска изјави дека нема против во уставните амандмани да се внесат барањата на неколкумина пратеници од опозицијата кои гласа „за“ во петокот. Според него тие барања не отстапуваат од Договорот склучен со Грција.

-Ќе седнеме заедно да ги скицираме нацрт амандманите. Веруваме дека можеме тоа да го сториме за помалку од 15 дена со цел да скратиме. Верувам дека во рамки на тие 15 дена ќе можеме навистина да се усогласиме и очекувам да расте мнозинството за поддршка. Како ќе ги отвораме амандманите така се повеќе ќе се потврдува дека нема ништо болно, тешко или скриено. Сите овие амандмани допрва ќе не фузираат и обединат – рече Заев.

По однос на барањата на пратениците од опозицијата, тој додаде дека внатрешната употреба на одредницата Северна ќе се одвива парлалено со отворање на поглавјата за влез на државата во ЕУ.

-Сите оние поглавја кои нема да се отворат, секојдневни потреби и користења за дома кои не се покриени со поглавјата, ќе бидат опфатени со полноправното зачленување во ЕУ. Ги прочитав многу внимателно точките. Еден дел од барањата се гаранција доколку Грција не го ратификува договорот дека овие уставни промени не важат, како и потврда и поддршка на повикот за помирување е.. потврдено од пратениците. Верувам дека бројката ќе биде поголема, не случајно го зборувам тоа туку знам дека многу повеќе пратеници сакаат да се придружат – рече тој повикувајќи ги пратениците да се вклучат во процесот на амандманите.

За потсетување четвртиот услов на овие пратеници гласи:

4. Прифаќање на иницијативата на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, искажана на 31. седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 година за простување во врска со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување со формирање собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието на Република Македонија, кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување во рок од 30 дена.

Поврзани новости