Зоран Заев, лидерот на опозицискиот СДСМ, на синоќешниот митинг во Штип, праша, уште колку Тамари треба да ни се случат и уште колку родилки и уште колку бебиња треба да загубиме, за да го кренеме својот глас за институции во служба на граѓаните?
– Клучно за секој човек е неговото здравје и здравјето на неговото семејство. Затоа, се обврзуваме на квалитетно јавно здравство достапно за сите граѓани. Ќе обезбедиме амбуланти и болници според потребите на сите граѓани, во сите делови на Македонија. Во јавното здравство ќе работат стручни и квалитетни лекари кои ќе се грижат за вашето здравје. За да бидат целосно посветени на вашето здравје, за да ги мотивираме. Испланиравме двојно покачување на платите на здравствените работници до крајот на мандатот. Специјалистите ќе примаат 100.000 денари плата, со 100.000 денари плата, лекарите ќе ни останат овде во јавното здравство и ќе се грижат за здравјето на нашиот народ – истакна Заев.
Тој додаде дека нема да се бараат врски за да се дојде до најдобриот лекар.
– Ќе има во јавното здравство и квалитетни и стручни лекари, но ќе има и лекови и медицински материјал – нема за завој, со крвава рана, да ве враќаат да си купите од аптека. За набавката на лековите нема да биде пресудна само најниска цена. Таму каде што е потребно, ако треба најдобриот, најквалитетниот лек ќе го обебзедиме, нека е и најскапиот, ако од него зависи животот на пациентот. Ви реков, болничкото лекување ќе биде бесплатно за сите, за секој да може да биде болнички згрижен ако има потреба од тоа, никој да не страда како што страда вашата сограѓанка тетка Зоре, а и уште многумина како неа низ Македонија – рече Заев.