(ВИДЕО) Вевчанци гневни: Локален поп без дозвола сече стари дрвја и никој ништо не презема!

by Fokus

Во центарот на Вевчани се случува вандализам, масакр на стари и ретки дрва од страна на локалниот свештеник Зоран Попоски. Ова за „Фокус“ го тврди Спасе Радиноски, кој заедно со уште неколкумина загрижени граѓани, е иницијатор за да се спаси, како што вели, уништувањето на дрвата.

Радиноски смета дека свештеникот нема никаква дозвола за тоа и се подготвени да се борат до крај, да престане тоа.

Исечени се пет-шест дрва во приватен имот на МПЦ од страна на свештеното лице, а од сигурни извори знам дека тој не поседува никаква дозвола за такво нешто. Нема никаква согласност ни од жителите на Вевчани а попот се однесува како земјиштето да е лично негово“, вели Радиноски.

Тој додава дека случајот го пријавиле во полиција, но се уште нема никакви преземени мерки, а инспекторатите кои Радиноски ги контактирал, си ја префрлале топката, додава тој.

Зборувавме и со градоначалникот на Вевчани, бидејќи немаме комунален инспектор и сме под договор со Охрид за да не застапува инспектор. Но и од таму викаат дека не се надлежни. И кој е надлежен за ваков масакр? Можеби се јавував во лош период, пред избори. Тука доаѓаме во судир со летаргичноста на нашите државни институции“, додаде нашиот соговорник.

Го контактиравме и свештеникот Зоран Попоски, кој вели дека на тоа место е планирано изградба на црква и поради тоа се сечат дрвата.

Јас не правам никаков криминал. Јас не градам куќа за мене, ова го правам за доброто на Вевчани. Дрвата се сечат, затоа што објектот не се гледа од западната страна. Не станува збор за автохтони дрва, туку се садени пред педесетина години. Објектот на тоа место е од 1895 година и имаше чинари во црквата, кои ги пресековме. Тогаш никој не реагираше“, вели Попоски.

„Фокус“ испрати официјален мејл до Министерството за внатрешни работи по однос на ваквата пријава, но до објавувањето на овој текст не добивме никаков одговор.

Само од Државен инспекторат за животна средина, преку социјалните мрежи, се излегоа со соопштение во врска со овој случај.

По пристигната претставка од жители на Општина Вевчани, комуницирано е со градоначалникот на Општината, како и со Државен инспекторат за шумарство и ловство, заради насоки до пријавителите околу надлежност на овие две институции и преземање мерки против сторителот на сечата на дрва без соодветни одобренија“, велат од ДИЖС.

Првиот човек на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски во изјава за „Фокус“ вели дека стручни за вакви проблеми се Национални шуми.

Според законот, постапка за отстранување на дрва на јавна површина отпочнува со Барање за одстранување на дрва, грмушки и сл…. до општината. После Барањето, Комисијата избрана од општина Вевчани излегува на терен и прави проценка дали дрвото е за сечење или за поткастрување и после тоа, бидејќи ние немаме стручни екипи, барањето се препраќа до Национални шуми кои се стручни во тоа. Во конкретниов случај, катастарската парцела 1118/1 е сопственост на МПЦ. Тогаш сопственикот со имотен лист поднесува барање до Национални шуми и после тоа тие си имаат соодветна постапка за приватни шуми“, ни изјави Јанкоски.

Фото – Фејсбук профил на Сашо Јанкоски

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости