Мицкоски: Во игра се црни вреќи и крадени пари

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот предизборен митинг во Делчево изјави дека актуелната власт е оттргната од реалноста и, според него, ги задоволува само сопствените интереси.

-Тие гледаат да профитираат и на туѓата несреќа. Додека народот пати, додека народот живее крпен живот, тие не престануваат да крадат. Се сеќавате кога беше полниот ек на корона кризата, и кога немаше вакцини, стотици луѓе умираа дневно, а од власта токмеа провизии при набавка на кинеските вакцини кои што беа неколку пати поскапи од сите други – рече Мицкоски.

Додека следува енергетска криза, додаде тој, власта спроведува тендер од 50 милиони евра за увоз на јаглен од Косово.

-Сте сретнале ли некој кој последниве неколку месеци, а да не е батето, малите Зоранчиња градоначалници, Љупчо Путерот и блиските до нив главоклимачи, значи освен оние кои што имаат полни џебови со пари, дали некој сте сретнале што збори добро за власта? Нема таков – рече Мицкоски.

Тој истакна дека на терен се спроведува поткуп, при што, како што посочува, се нудат стотици евра за еден единствен глас.

-Во Битола во игра се црни вреќи, во Велес се лицитира со бројки на крадени пари, денес се виде дека истото тоа го прават буквално секаде низ Македонија. А, Заев дели помош на одбрани фирми од буџетот на народот, тоа се потези на очајник кој се дави во сопствената кал – порача Мицкоски.

Поврзани новости