ВИДЕО Тоше и Маја, сон, јаве или ,,Магија”

by Fokus

Денешниот ден, 25-ти јануари изминува во знакот на легендарната музичка ѕвезда Тоше Проески. Бројни музички и културни настани се посветени на музичарот, кој на денешен ден требаше да наполни 38 години, а чиј млад живот заврши во кобната сообраќајна несреќа која што се случи во 2007 година, во Хрватска.

Негови блиски пријатели, соработници и колеги се сеќаваат на неговиот лик и дело, споделувајќи на социјалните мрежи и во медиумите свои спомени со момчето кое со својот талент, скромност, хуманост, почит и едноставност остана во сеќавање на целата нација. Почитувачите на неговото дело пак, го преплавија интернетот со видео снимки од неговите хитови, негови цитати, фотографии… И по сите овие години, останува фактот дека народот не го преболи Тоше и тој живее во спомените на луѓето од целиот регион. Секоја приказна поврзана со неговото име уште го привлекува вниманието како во времето додека беше жив.

По повод родениот ден на музичката легенда, ,,Фокус разговараше со уметницата Маја Павловска, една од најблиските личности во животот на Тоше.

 -Пред се, му благодарам на ,,Фокус, што никогаш не ги игнорира сториите со содржина и вредности, што едноставно мора да останат… за сите идни генераци… Тоше никогаш не смее да падне во заборав од никого од нас, ниту од приватен, ниту од професионален аспект… За сите години, откако физички не е со нас, се изнаслушавме се’ и сешто… и од луѓе што навистина го познаваа, но и од луѓе, кои само сакаат да бидат препознаени како негови пријатели…. Сепак останува, вистинските приказни за Тоше да ги цени неговата вистинска публика и неговите фанови,  кои до ден денес, секојдневно живеат со ликот и делото на Тоше и кои најтопло ги поздравувам и бескрајно ги почитувам – со овие зборови го започна своето сеќавање на легендарниот Тоше Проески, Маја Павловска, жената која на почетокот на нивното познанство беше само негова соработничка, за по многу кратко време стане и негова блиска пријателка и личност со која споделија многу убави моменти.

Павловска е познат текстописец и ликовен уметник, а веќе со години наназад живее и твори во Холандија. И денес, како и секој 25-ти јануари, на родениот ден на Тоше, таа вели дека спомените посилно натежнуваат. Во разговор за ,,Фокус се присетува на заедничките мигови со Проески, за нивните случки кои не ги открила во јавност до сега, за песната ,,Златен клуч,, која ја напишала неколку дена по неговата смрт, а во видео записот за истата вметнала снимки од времето кога со Тоше биле во посета на манастирот Свето Преображение, кога тие двајцата не ни знаеле дека некој ги снимил. Со тага си спомнува за песните кои ги напишала за него, но и за оние песни, кои останале ненапишани.

-Мојата приказна со него започна чинам 1999 година, кога јас прв пат го слушнав на тој Скопски фестивал со ,,Остани до крај”. Знаев, во истиот момент дека во Македонија се родила светска ѕвезда.

„Беше тинејџер, несигурен на сцена, со тројца придружни вокали, исто така тинејџери, со научени движења, кои треба да остават профи впечаток, а се забележува нивната несигурност. Најсимпатичен настап и најубав и најкарактеристичен глас, што некогаш сум го слушнала на нашите балкански простори.

Веднаш се јавив на некои мои блиски пријатели, кои и ден денес се сеќаваат на моето воодушевување и навивање да победи и да оди на Евровизија, таа година. За жал, не беше негова победа, но одличен почеток за еден млад, перспективен пејач. За кратко време, на младите обожавателки им стана се! Живееше блиску до мене, во Дебар маало, не можеше да излезе на улица од обожавателки, но секогаш имаше време за нив и убава насмевка со која им се обраќаше, им потпишуваше слики и постери…

Му ги следев со внимание  сите негови настапи, посебно првиот концерт, на отворено, на кој докажа дека е млад, неискусен, но професионален во секој поглед.Неговата уникатна енергија ја задржа публиката на тој дожд што како за инает паѓаше, како да беше против него. Сепак со пркос кон дождот и со почит кон неговата верна публика, остана до крај на тој концерт. Почна веќе да станува име и презиме и многу бев среќна што го имаме. Најсветлата точка во таа наша земја и тогаш, а и сега – раскажува Павловска за впечатоците кои ги оставил Тоше кај неа, уште додека не се познавале лично.

-Како текстописец, никогаш не ни помислував да се наметнувам и да барам соработка, посебно што веќе околу него се створи круг на луѓе од таа бранша… Јас се држев на страна и сакав, ако треба да се случи некоја професионална соработка, тоа да се случи најспонтано. До тогаш сакав само да го слушам неговиот прекрасен вокал и да го анализирам феноменот, Тоше.

Така, во 2002 година се случи првиот директен, но телефонски контакт со него. Ми се јави мојата пријателка, Лидија Кочовска, од Атина и ми кажа дека снимаат во студио со Тоше и дека итно им треба текст за песната ,,Магија”, што треба да биде дует со Есма. Бидејќи се обидувале да напишат нешто, но не успеале, не веруваат дека некој би можел за половина час да го направи препевот, а заради задржување на термините во студио… инаку српската верзија ,,Чини” е на Марина Туцаковиќ.

И реков да ми го даде Тоше на телефон. Во целото тоа брзање, јас само му реков „Почекај две минути, син ми да ми вклучи програм во компјутер, да те снимам, за да можам да го напишам текстот според метрика“.

Му реков, отпеј ми со ,,на на на”… Не му се веруваше, бидејќи се слушаме прв пат и му ветувам дека ќе бидам готова за 20 минути. Така и беше… Веднаш му го испратив текстот назад во неколку пораки, па на е-маил. Ми се јавија и Тоше и Љиља и Лидија, задоволни и среќни што ќе успејат да ги задржат термините и ќе ја завршат работата според планот. За неколку дена после тоа и се запознавме лично. Уште од почеток ме викаше Сонце мое!

Вели -Уште не ми се верува дека за толку кратко време успеа да ја направиш песната, која е веќе хит.

Велам -А кога имам инспирација и пишувам за најпрофи пејач, како да не го направам тоа? –раскажува Маја за првата соработка со Проески.

Понатаму, вели дека се било историја. Нивната професионална соработка се претворила во едно искрено пријателство, исполнето со љубов и меѓусебна почит.

 -Од тој момент ние бевме неразделни. Ако не е тоа дружба во живо, каде што не сум можела да присуствувам, тогаш ќе се јавеше на телефон или ќе пуштеше порака од некоја турнеја, студио, било какво случување, за да ми раскаже што се случува и на професионален и на приватен план. Во меѓувреме дојдоа соработките како негов текстописец за  ,,Парче од Европа” на музика на Горан Алачки, аранжман на Саша Николовски Ѓумар,  ,,Сон Егзотичен” на музика и аранжман на Александар Чекреџи,  англиските и српско-хрватските препеви за таа Евровизија 2004, ,,Што си отишла, на музика на Баже Темелков, аранжман Валентино Скендеровски, ,,Exotic dream,,Piece of European truth,,Why did you leave, исто така, дружбите во студио, каде што имаше еден куп анегдоти, но нешто на што најмногу се смееше, беше мојата забелешка на неговиот нагласок при пеење на зборот ,,Yellow”, во англиската верзија на ,,Парче од Европа.

Јас, сериозна, за да не ме разбере погрешно, му викам, „Топ отпеа Тоше, само би те вратила на ова Yellow, ми го пееш некако по крушевски, ми звучи ко јАлоу.

„Не можеше да престане да се смее. Но, откако се слушна, рече максимално си во право… одиме уште еднаш…

Со него беше прекрасно да се соработува. Прифаќаше критики, се смеевме многу и никогаш не го ставаше своето его напред. Беше многу воспитан човек, со почит и љубов кон секого… и моите спомени се полни со почит и љубов спрема него – си спомнува уметницата, која долги години, се до смртта на Тоше беше дел од неговиот живот.

-Тоше, иако брзо се искачуваше накај врвот, сепак никогаш не се смени и остана истиот Тоше, со истите животни вредности, до крај. Имавме многу длабоки и неисцрпни теми во однос на човечкото постоење, поврзаноста со универзумот… Неслучајноста на случките, кои ни се случуваат во животот…

На една домашна журка, во нашата семејна куќа во Охрид, седна на пијано, неуморно свиреше до раните утрински часови, пеевме сите заедно со него, а беше и екипата на Биља Крстиќ. Во целиот тој занес, одеднаш, престанува да свири и се врти накај мене, вели -Не е случајно што името на нашата прва соработка е баш ,,Магија” … И повторно се сврте и продолжи со истата песна, која ја прекина – вели Маја.

Таа ни раскажа и за случката со нејзиниот сон, поврзан со свето место, кој кога му го раскажала на Тоше, тој без двоумење и рекол дека мора да ја однесе во манастирот Свето Преображение, кој тогаш уште се градел. Според него, песната ,,Магија не била случајност и нивната соработка и пријателство се случиле со причина.

-На една дружба после промоција на албумот  ,,Ако ме погледнеш во очи”, меѓу другите, беше и композиторот на ,,Магија, Манолис Влахос и неговата сопруга. Расположен и среќен, во целата таа еуфорија, ме прегрна и рече, нека дојде вистинското време и ќе те носам на едно специјално место… ќе леташ…

 Во тој момент, јас не знаев дека тој, заедно со семејството помагаат во изградба на Манастирот Св. Преображение. Дури во 2006, кога е тој најангажиран со концерти, снимања, интервјуа и нема време за себе, иако многу ретко се сеќавам на сонови, сепак имав еден многу симболичен сон поврзан со него и ,,некое” свето место. Многу размислував дали да го оптеретувам во целата таа гужва што ја има. Сепак му се јавив и му раскажав. Во моментот беше на Халкидики. Неговата реакција не можам да ја пренесам преку пишан текст, но самото тоа што рече дека се наежил од сонот и ми рече – Се сеќаваш ли кога ти реков дека ,,Магија, не е случајност?

 И тогаш, и тогаш кога ти реков кога ќе дојде вистинското време, ќе те носам на едно специјално место? Е па, дојде вистинскиот момент!

Се изненадив што после се што му се случува, тој сепак памти некои стари разговори. Ми рече, на 18-ти август 2006 вечерта, каде и да си, доаѓам, те земам и одиме на Св. Преображение. Им кажа и на неговите родители, за да ни кажат точно како да го направиме целиот ритуал, според сонот. Вечерта на 18-ти не пречека во ,,Планет. Беше многу сериозен и ме препрашуваше за секој детал од сонот. Сакаше да направи се како што треба. Двете семејства, неговото и моето бевме горе на Манастирот на 19-ти август 2006 година. Заедно со Тоше го отворивме Манастирот со клуч. Навистина добив чувство, како да летам… ништо не е исто од тогаш…

За нашата посета на Манастирот не знаевме дека постои снимка. (Посетата случајно ја снимил Тони Бужаровски, сограѓанин на Тоше. По смртта на Тоше, Маја ги искористила снимките во видеото за песната ,,Златен клуч која му ја посветила.)

 Во меѓувреме се слушавме често. Прашуваше се што се случува со мене, дали се случиле некои нови движења (Маја е лице кои има потреба од посебно помагало за движење),му кажував дека Преображението почна и се уште трае. Му објавив и дека наскоро се селам за Холандија и тоа баш во Утрехт, каде што претходно одржа концерт. Беше пресреќен и ми посака најголема среќа во сите мои планови понатаму, но, дека ќе останеме во контакт и ќе ме посетува, секогаш, кога ќе може – вели Павловска.

Таа се присетува и на нивниот последен разговор, само неколку дена пред трагедијата. Вели дека останал нераскажан нејзиниот последен сон со него, останало неисполнето ветувањето од Тоше дека ќе се видат за неколку дена, останале и спомените на времињата кои заминале во неповрат.

-Се сретнавме уште неколку пати додека уште живеев таму, по некои приватни забави и родендени, до неговото последно јавување,  само неколку дена пред тој 16-ти октомври 2007. Ми рече, ти се јавувам од кола, го слушам Плутархос, це-дето што одамна му го препорачав и често го слушаше. Ми рече, Сонце мое, на 16ти патувам, но кога ќе се вратам, сакам да се видиме за да ти го дадам це-дето од снимката во Манастирот, за што двајцата се чудевме, како воопшто постои. Не знаевме воопшто дека некој снима.

Покрај це-дето, сакам, како еден од моите најискрени критичари, да ги чуеш ти прва МП3 снимките од англискиот албум.

Му реков, чекам со нетрпение. И не само тоа, туку го прашав – Сакаш ли да ти раскажам еден сон? Повторно симболичен и повторно си ти во него. Ми ја пееш ,,Зајди, зајди.

Рече – Сакам, многу сакам, ама не вака. Сакам да дојдам кај тебе и полека, заедно во кафе дружба да ги чуеш песните и да ми раскажеш се. Ти ветувам, се гледаме за неколку дена – тоа е последниот разговор со него – вели Маја.

Веста за смртта на Тоше ја доживеала како голем удар, но по неколку дена она уметничкото во неа се издигнало над тагата, и таа ја напишала песната ,,Златен клуч.

-Останаа засекогаш песни, напишани, но никогаш остварени. Дури имам и еден текст, македонска, српска и англиска верзија, на музика на бендот на Биља Крстиќ, кој го испринтав така во три верзии и на идеја на нашата заедничка пријателка, Лидија Арсовска, Тоше стави негов потпис. Лидија рече на шега -Кога ќе станете топ ѕвезди, ќе го продадам текстов потпишан од Тоше, на аукција.

Ја чекам да ми го испрати, се уште е кај неа…

Само неколку дена после најлошата вест, ја напишав и ,,Златен клуч”, на музика на брат ми, Зоран Павловски – Зозо, аранжман Дамир Имери, а испеана со најдлабоки емоции од страна на Лидија Кочовска. Видеото е монтирано од страна на мојата пријателка и професор по уметност, Ратка Илиева – Лале, (која исто така не напушти, скоро после Тоше) со снимките од Манастирот, кои ги добив од снимателот, а како моја најголема благодарност кон Тоше, кој никогаш и при сите негови ангажмани, не заборави да се јави или да ме посети и да ме праша како сум, да направи некакви консултации, без разлика дали е нешто од приватниот живот или од професионален аспект.

Да си испратиме или слушнеме заедно по некое парче музика, за што имавме многу сличен вкус. Тој знаеше дека се трудам да бидам присутна и го следев на многу негови концерти и приватни дружења, но со мојот проблем со движење, а и неприлагодената инфраструктура, (4ти спрат без лифт) до ден денес во Македонија, не можам секогаш да бидам присутна секаде, на секој настан… Но, тој настаните на кои не можев да бидам присутна, ми ги раскажуваше до детал. Личност како него, со толку многу љубов, почит и  вредности во себе, не се раѓа често – ни раскажа Павловска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости