Во Македонија можеби се одвива најтежок заговор против изборите со можна злоупотреба на најмалку две високи државни институции, Претседател на држава и Агенцијата за разузнавање, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Пендаровски да не се крие зад закани со тужби, веднаш да каже што договарал со Асаф Еисин на Бихаќка и со кои пари тој е платен?
Постои основано сомневање дека делува мрежа за фалсификување на документи и лажни вести кои веќе се употребуваат против ВМРО-ДПМНЕ, а зад ова седат Стево Пендаровски, неговиот директор на разузнавање Еролд Муслиу како и поранешниот разузнувач и сега генерален секретар Миле Зечевиќ, како и мешетарот Асаф Еисин.
Следејќи ги фактите, веројатноста е дека посредник е Миле Зечевиќ, поранешен разузнавач, сега генерален секретар на СДС, а главни одобрувачи и добавувачи се Стево Пендаровски, поранешен полициски службеник, се уште претседател на држава и кандидат на СДС за претседател, а вклучен е и Еролд Муслиу, лице од доверба на Пендаровски, поставен од него за директор на Агенцијата за разузнавање“ рече Стоилковски.
Тој додаде дека во јавноста се лиферувани фалсификувани документи, со фалсификувани потписи, што е кривично дело, а со цел за оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ и со цел против изборите. Вакви зафати, како што рече, се дел од понудата на Асаф Еисин, консултант на СДСМ и на Пендаровски.
„Вака одговараат за средба со Асаф Еисин од Кабинетот на Пендаровски:
„Во однос на лицето за кое прашувате, претседателот Пендаровски и соработниците го имаат сретнато лицето во својство на консултант на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на средба која ја имаше организирано таа политичка партија која и формално му ја има дадено поддршката за претседателот Пендаровски за претстојните избори”.
Ова ја потврдува шемата, Зечевиќ посредник, Пендаровски и Муслиу одобрувачи и добавувачи. Еисин креатор на фалсификати и лажни вести, својствени на групата на која припаѓа водена од Тал Ханан.
Сето тоа се доставува до близок медиум којшто заради свои интереси нуди плашт да затскрие извор со термин „свиркач“ , а СДС потоа презема и води црна кампања врз медиумски производ, со што се крие како извор на фалсификатот.
Во интерес на вистината ќе потсетам, лиферувани се фалсификувани документи, на коишто освен логото на ВМРО-ДПМНЕ, се впишувани лажни информации, впишувани дати за кои е познато дека имало партиски состанок од којшто е дадена изјава за медиумите, а потоа се злоупотребени имиња на лица познати во јавноста, впишани им се фалсификувани потписи, а впишано е и име на лице коешто воопшто не постои, а веројатно има и потпис од непостоечкото лице. Сето ова е кривично дело.
И СДС и медиумите соработници на СДС, соработуваат во кривичното дело, градат приказна против изборите на фалсификувани документи. И притоа, за тоа се свесни.
И главното прашање од кое Пендаровски не смее ниту час повеќе да бега од одговор:
Што разговарале со Асаф Еисин, консултантот, ангажиран од СДС? Што барал Пендаровски и соработниците, како што соопшти кабинетот, на средба со Асаф Еисин, освен ако не е терање кампања за Пендаровски? Прашал ли Пендаровски, со кои пари Асаф е платен, дали има потпишано договор СДС со Асаф Еисин, пред да седне со него, а според соопштението е запознаен дека Асаф е ангажиран? Знае ли Пендаровски со кои пари е плаќан Еисин и дали се тоа парите од еден странски конзул којшто добива огромни тендери од РЕК Битола?
И конечно, ќе сфати ли Пендаровски дека фалсификување и лажење не се замена за неработата и не се замена за единствена понуда, а тоа е менување ставови согласно потребите на СДС?“ порача Стоилковски.