Во саботата, за време на најдолгиот полициски час во земјава, Русковска го пушти на слобода Зоран Милески – Кичеец, за кој цела јавност виде како носи торба со изрекетирани 1.5 милиони евра, заедно со Боки 13, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој праша дали зад ослободувањето на Кичеец стои претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Додека граѓаните гледаат да го спасат сопственото здравје, Заев и Спасовски го спасуваат Кичеец.
Случајот со милионски рекет, зад кој повеќе од јасно е дека се крие некој од врхушката на власта застана кај Кичеец, Боки 13 и Катица Јанева.
Зоран Заев, кој беше директно посочуван дека знаел за случајот остана недопрен.
Дали зад ова ослободување на Кичеец се крие лично Зоран Заев!? Дали некој од врвот на власта се одолжува за примерниот однос на обвинетите!?
И дали Русковска по диктат на Заев го ослободи Кичеец!?
Додека граѓани лежат во затвор за украдени ќебапчиња, луѓе кои цела јавност ги виде како изнесуваат торба со 1.5 милиони евра изрекетирани пари, се пуштаат на слобода“, истакна Стоилковски.