ВИДЕО Стиховите ми потекоа како бистра солза – вели Зафир Хаџиманов за хитот кој стана химна за борбата со корона вирусот

by Fokus

Многу дни пребродивме ние, како чун на немирно море, насмеј се на ветрот што бие, љуби ме и главата горе – се дел од стиховите на големиот хит на Зафир Хаџиманов и неговата сопруга Сенка Велетанлиќ.

Песната за која стиховите ги напиша легендарниот пејач, композитор и поет, Зафир, а музиката Григор Копров во далечната 1982 година, деновиве стана актуелна како химна посветена на хероите кои се борат против корона вирусот.

Верзијата во изведба на Александар Митевски, Драган Спасов – Дац и Бојана Скендеровски, со видео во кое се менуваат фотографии од хероите на денешницата, медицинските лица, волонтери, Црвениот крст, армијата и сите оние кои се вклучени во борбата со опасниот вирус, во изминатите четири дена, откако се пушти во етер, стана неофицијална химна која активно се споделува на социјалните мрежи.

Популарниот музичко – брачен пар, Зафир и Сенка, кои со хитот ,,Љуби ме и главата горе” се искачуваа на врвовите на хит листите низ поранешна Југославија, веќе со децении живеат во Белград, соседна Србија.

Во разговор за ,,Фокус” Зафир вели дека кога ја слушнал изведбата на песната, искрено бил трогнат. Раскажува дека поради возраста, но и поради проблеми со срцето, веќе извесно време е во карантин, а кога дознал дека неговиот шлагер бил препознат како химна за борбата против злото, многу бил среќен.

-Ова е најубавата поезија што сум ја створил на база на музика! Копров е надарен шлагер мејкер, но овојпат мојата заслуга е позначајна, затоа што стиховите ми потекоа како бистра солза. Така се случи химната на љубовта, химна на убавината! Дац и Александар направиле нова и добра верзија. Среќен сум што луѓето ја препознале и како химна за борбата против злото. Браво! Не можам, а да не спомнам дека нашата комбинација, Сенка – Зафир е врв! Како и да е,во овие црни моменти химната ќе биде лековита светлина и топлина. Вирусот можеби ќе се реши на народот со вакви прекрасни песни да му прогледа малку низ прсти и да си замине што порано – ни изјави Хаџиманов.

Додава дека периодов е во карантин поради проблеми со срцето и возраста, но вакви убави нешта секогаш го радувале.

-И покрај се, искрено се надевам дека ќе и го видам грбот на проклетава корона! Надежта последна умира! – порача уметникот од својот дом во Белград.

Вики Клинчарова

Поврзани новости