(Видео) Се отвора нов фронт – Израел испрати бродови во Црвеното море

by Fokus

Израел распореди воени бродови во Црвеното Море откако јеменските Хути објавија војна и лансираа балистичка ракета кон Израел.

На снимката објавена од израелската војска се гледаат бродови од класата Саар кои патролираат во близина на пристаништето Еилат на Црвеното Море, кое Израел го гледа како нов фронт бидејќи воените операции во Газа предизвикуваат одмазда од силите поддржани од Иран во регионот.

Шиитските бунтовници во Јемен во вторникот соопштија дека извршиле три напади со беспилотни летала и ракети врз Израел од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел на 7 октомври. Тие најавија дека ќе извршат уште вакви напади за, како што се наведува, да им помогнат на Палестинците да победат.

Израелската војска во вторникот за првпат го искористи својот систем за противракетна одбрана Arrow за да пресретне, како што рече, воздушна закана над Црвеното Море, за која се верува дека е балистичка ракета.

Советникот за национална безбедност на Израел, Цачи Ханегби, во вторникот рече дека нападите на Хутите не може да се толерираат, но одби да прецизира како Израел би можел да одговори.

Хутите се дел од поширокиот регионален сојуз кој е поддржан од Иран, непријателски настроен кон Израел и САД, кој ги вклучува либанскиот Хезболах и милициите поддржани од шиитскиот Иран во Ирак. Вооруженото движење контролира делови од Јемен, вклучувајќи го и главниот град Сана, на повеќе од 1.600 километри од Израел.

Сунитската Саудиска Арабија ја предводи меѓународната алијанса против бунтовниците Хути, во која се ангажирани и САД. Таа коалиција ја поддржува меѓународно признатата влада, која Хутите ја предизвикуваат, а Саудиска Арабија, исто така, воено се приклучи на јеменската граѓанска војна.

Граѓанската војна во Јемен предизвика огромна хуманитарна криза. Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) ја нарече „најлошата хуманитарна катастрофа предизвикана од човекот во последните децении“.

Хутите се познати и како Ансар Алах (Божји поддржувачи).

Поврзани новости