Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во видео обраќање ги поздрави напорите од Косово за завршување на автопатот од 55 километри што води кон граничниот премин Блаце со Република Македонија и соопшти дека се почнати подготвителните работи за проектирање и реализација и на нашиот дел од автопатот, од Скопје кон ГП Блаце во должина од 13 километри.
Во видео обраќање од автопатот во изградба во Косово, во близина на Качаничка Клисура, Османи рече дека како вицепремиер ја раководи министерската група задолжена од Владата за реализација на овој проект.
„Секретаријатот за европски прашања веќе обезбеди 1,3 милиони евра за проектирање и студија на теренот за реализација на нашиот дел од автопатот и техничките групи се веќе на терен. За овој стратешки проект многу се зборуваше во минатото, но поради многу причини, вклучително и политички, некако беше ставен во заборав”, рече Османи.
Тој додаде дека автопатиштата се важни артерии за развој на една држава, но кога спојуваат две соседни држави стануваат „мостови на пријателство меѓу луѓето”.