ВИДЕО: Додека лекари делеле лепче со паричка, пациентите морале да чекаат во ходник!?

by fokus

Неколкумина пациенти, од кои дел и со скршеници, наместо да бидат примени на преглед на одделението за ортопедија, во прилепската болница, морале да почекаат најпрвин докторите да го поделат лепчето со паричка, за празникот Василица.

Ова го тврди читател на „Фокус“, кој исто така чекал за преглед во болницата. Тој ни испрати и видео запис како поткрепа на тврдењето.

„Имаше околу 20-тина луѓе кои што чекаа преглед, а лекарите ги затвораа вратите. Не примаа луѓе ни со скршеници. На видео записот е родител на 15 годишно девојче. Ги молеше да им го извадат гипсот, бидејќи го носеше 15 дена плус од закажувањето на термин на вадење“, посочи еден читател, кој побара да остане анонимен.

За став го побаравме и директорот на прилепската болница, Драги Богојески. Тој потврди дека е испочитуван обичајот во болницата, но остро ги осуди наводите дека пациенти биле запоставени од персоналот.

„Ве известувам дека не се вистинити наводите дека за празникот Василица, докторите специјалисти ортопеди во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“, Прилеп,  оставиле 30 пациенти да чекаат со цел истите да си вртат паричка, затоа што факт е дека сите пациенти тој ден биле прегледани од доктор ортопед . Како и во сите установи во Македонија е испочитуван обичајот да се врти паричка, меѓутоа за тоа е потребен краток временски период, кој не го спречи здравствениот персонал да им укаже здравствени услуги на сите пациенти кои беа дојдени тој ден на преглед“, се вели во реакцијата на Богојески.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости