Билети за концертот на Андре Риу поевтини од оние за Владо Јаневски и Цеца: Ѕвездата доаѓа во Скопје и регионот!

by fokus

Светската музичка ѕвезда Андре Риу за првпат доаѓа во Македонија. Кралот на валцерот ќе настапи во арена „Борис Трајковски“ во Скопје на 6-ти јуни, а ќе биде придружуван од неговиот 60-член оркестар Јохан Штраус и многу солисти.

Организатори на настанот се Пасворд Продукција, и најавуваат фантастичен сценски настап од актуелната светска турнеја на Риу. Неофицијално, цените на билетите за концертот ќе се движат од 3.050 денари па нагоре, а нивната продажба ќе започне на 23-ти јануари, во десет часот.

Сепак, на официјалната страница на Риу е наведено дека се очекуваат прецизните детали и не е наведена сума. Холанѓанецот пред концертот во Скопје, ќе одржи концерт и во Белград, соседна Србија, на 22-ри мај, во Штарк Арена.

Билетите веќе се пуштени во продажба по цена од 2.500 динари, односно околу 1.300 денари. Исто така, на официјалната страница на музичарот е наведено дека едно лице може да купи најмногу шест билети. Она што е впечатливо е дека цената на билетите за концертот на музичкиот великан во Србија е дури пониска од онаа која што е вообичаена за концертите на нашите и на регионалните музичари.

На пример, цената на ВИП влезниците на концертот на Владо Јаневски, кој ќе се одржи во Скопје на 16-ти март изнесува 1.400 денари. Влезниците пак за турбо фолк ѕвездата Цеца Ражнатовиќ, за нејзиниот концерт во Скопје пред околу четири години се продаваа по цени од 1.300 до 2.000 денари. На осми јуни пак, Риу ќе има концерт во Софија, Бугарија, во познатата Арена Армеец. Билетите за настанот се пуштени во продажба по цени од 70 лева, односно околу 2.190 денари.

Влезници за неговите концерти во Германија, Австрија и други европски земји се продаваат по цени пониски од 50 евра. Концертите на музичката ѕвезда се спој на валцер, филмска музика, опера и мјузикли и се едни од најпопуларните во светот, но и со милионски прегледи на музичките интернет канали.

Вики Клинчарова

Поврзани новости