Скромните почетоци на нашата најуспешна фармацевтска компанија „Алкалоид“, датираат од август 1936 година, кога на патот од Скопје кон Велес е отворен еден од најстарите капацитети за преработка на алкалоиди во тогашната југословенска заедница. Од само две постројки, со 15 работници, денес, 85 години подоцна во „Алкалоид“ имаме околу 60.000 метри квадратни производни погони и над 2.500 вработени во базата во Скопје и во 20-те подружници распоредени во 15 земји во светот.
Ова меѓу другото го истакна Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје, по повод 85-годишниот јубилеј на компанијата.
Тој нагласи дека континуираниот деловен успех и одржлив развој на „Алкалоид“ се должи пред се на квалитетот на производите, но и на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на брендот на „Алкалоид“, како и на поединечните брендови кои ги има, а ги граделе генерации пред нас, години наназад.
„‚Алкалоид’ денес преку 60 проценти од својот асортиман, пласира во над 40 земји во светот. Светските трендови во фармацијата, хемијата, фитотерапијата и козметологијата се имплементирани во нашите секојдневни операции, а примената на најсовремени стандарди за добра производна праксам, е потврдена од реномирани авторитети“, вели во своето обраќање Мукаетов.
Првиот човек на „Алкалоид“ потенцира и дека инвестициите на компанијата кои во изминатите 15 години достигнаа 200 милиони евра, а лоцирани во производни капацитети, лаборатории, истражување и развој, техниологија и континуирана едукација на вработените, овозможуваат пласман на производи со супериорен квалитет, кои можат да се носат рамо до рамо со кој било производ од својот сегмент во светот.