Џафери ги потсети ВМРО-ДПМНЕ дека е Ден на демократијата и дека нема да им упаѓа во збор

by fokus

Само што почна продолжението на денешната пленарна седница, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по втор пат побара едночасовна пауза, со што воопшто не беше отворена расправата за точката на дневен ред. Собранискиот спикер во одговор на тоа ги потсети дека денеска е Ден на демократијата и им предложи да се откажат од паузата во интерес на граѓаните.

-Сакам да потсетам дека денеска е 15-ти септември, светскиот ден на демократијата. Од таа причина се решивме на овој начин да го почнеме денот, со закони за кои сите пратенички групи се изјаснија позитивно. Сметав дека денеска треба да биде поинаков ден од вчерашниот кога се расправаше за Законот за јазици – рече Џафери.

Инаку, се очекува денеска парламентот да ги донесе законите за минимална плата, обештетување на стечајците и укинување на радиодифузна такса.

-Сметав дека денеска не треба никој да му упаѓа на никого во збор. Доколку се согласите да го повлечете ова ваше барање и да продолжиме наместо пауза да расправаме за минималната плата, сметам дека тоа би било во интерес на граѓаните. Но доколку инсистирате да одиме на пауза за да се спушти топката на земја, иако мислам дека е спуштена, тогаш ќе го прифатам тоа ваше барање – им рече Џафери на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците на оваа партија останаа на своето барање со што седницата ќе продолжи во 13 часот.

Поврзани новости