Ветер во грб во Советот на ЕУ за португалскиот предлог за Скопје и Софија

by Fokus

Високи дипломатски извори потврдија за МИА дека меѓу земјите членки на Европската Унија има „огромна“ поддршка за предлогот што го поднесе португалското претседателство неодамна за надминување на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

За неколку дена министрите за европски работи на 27-те земји членки на ЕУ ќе се состанат во Луксембург каде ќе дебатираат за преговарачките рамки за Македонија и Албанија и одржувањето на првите Меѓувладини конференции со овие две земји.

Португалија, која вложи големи напори во процесот на помирување помеѓу Скопје и Софија преку формален предлог, не се откажува од можноста да се изнајде решение до 22 јуни помеѓу двете страни, многу ќе зависи и од резултатите од билатералните преговори на највисоко ниво, кои се во тек.

-Португалскиот предлог има за цел да го отвори патот за изнаоѓање прифатливо решение кое ќе ги земе предвид преокупациите на земјата членка и на земјата кандидат, но се разбира дека е суштински да се земат предвид преокупациите и на сите други земји во Советот, одлуката се носи едногласно. Има повеќе контакти на различни нивоа, на највисоки нивоа, португалскиот претседател отпатува во Софија во првите денови на јуни и има огромна заложба од претседателството за изнаоѓање решение, објасни за МИА висок ЕУ дипломат инволвиран во процесот.

На последниот амбасадорски состанок на почеток на оваа недела помеѓу земјите членки на ЕУ се разговарало исто така за Македонија и дипломатите потврдуваат дека поддршката за португалскиот предлог е многу голема.

-Сега очекуваме после билатералните контакти на највисоко ниво помеѓу земјата кандидат и земјата членка да донесеме одлука на Советот за општи работи, амбицијата на португалското претседателство беше да се отворат преговорите и со Северна Македонија и со Албанија, и тоа останува амбиција на португалското претседателство и натаму, објасни висок дипломатски извор за МИА.

Поврзани новости