1355

by fokus

Новиот број на „Фокус“ можете да го купите и во електронски формат на овој линк

ЗА НЕШТАТА ДА СТАНАТ ПОЈАСНИ
И на двајцата лидери, кои се како крпа и закрпа, Мирко и Славко, лице и опачина, како да не им беше важно да ги убедат неопределените и разочараните. Како да им беше важно да ги мотивираат само своите приврзаници. Оние, кои по завршувањето на дебатата од која нема што да се запамети, ќе побрзаат да напишат охрабрувачка порака – Браво, шефе, го згази!

ПРОЕКТ МОДУЛАРНИ БОЛНИЦИ
„Фокус“ се потруди да открие што се крие зад затворените врати на дел од модуларните болници, како функционираа последната година откако се отворени, дали ги имаат потребните услови за работа и медицински персонал и тоа што е најважно, дали имаат начин да се заштитат од пожари?

ДИПЛОМАТСКО-ШПИОНСКИ СКАНДАЛ
Изгорените тела на 14-те пациенти во тетовската модуларна болница како да го покрија скандалот со дипломатот Миле Миленкоски, кој учествувал во своевидна „Џемс Бонд мисија“ во Ерменија. И да не го уапсеа во Србија, на барање на Ерменија, никој кај нас немаше да дознае дека контроверзниот дипломат со приватен авион извлекол наш државјанин од Ерменија вмешан во тамошен криминал

ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ: СКОПЈЕ
Со какви адути политичките партии ќе го освојуваат Скопје и скопските општини? Дали исходот во метрополата ќе биде мерило за изборен успех? Што говорат партиските калкулации?

БЕНИ ШАЌИРИ: МАЛКУ Е СРАБОТЕНО И СЕ ГЛЕДА ПАСИВНОСТА – САМО КОЗМЕТИЧКА ГРАДЕЖНА ОФАНЗИВА
Музичарот Арбен Бени Шаќири е кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на движењето „Одлучно за промени“, составено од ДОМ и ЛДП. Во разговор за „Фокус“, Шаќири вели дека тој сакал да се кандидира како независен, но потоа дошла понудата од ДОМ и им се поклопиле коцките. Зборува и за градежната узурпација на просторот, како и за загадувањето.

ПРОШТАЛНА ПОСЕТА НА АНГЕЛА МЕРКЕЛ
Без разлика на сиот нејзин личен труд околу Западниот Балкан – од Меркел на крајот на нејзината кариера не добивме апсолутно ништо. И ден-денес, а веројатно и  уште долги години, сите шест балкански држави ќе бидат надвор од Европската унија, а можностите за ова да се промени се сѐ понеизгледни.

ТРИ ОПРАВДУВАЊА ЗА ЃОН-ОБРАЗ
Некои грешки е идиотски да ги направиш, ама уште поидиотски би било да се извинуваш за нив. Затоа ќе ги ангажираш пропагандистите за да ја убедат прво јавноста, а потоа и тебе лично дека твоите некогашни гревови, не само што не се гревови, туку тоа се херојски подвизи за кои не казна, ами пофалба заслужуваш

 

Колумнисти:

Ана ПАНОВСКА
Ја разбирам Царовска дека училишниот простор е тој и толкав и дека во него треба по закон да спика по 35 ученици во една училница, со маски на устата. Но, не разбирам зошто во такви затечени околности со протоколите не се направи никаков исчекор кон упростување на конфигурацијата на наставниот процес

Наум СТОИЛКОВСКИ
Зошто се градеше модуларна во Тетово кога болницата има речиси цела празна зграда? Во неа има два ката, болнички оддел, коишто лесно може да се доопремат, ја имаат сета потребна инфраструктура за да може во неа да бидат сместени заболените од ковид 19

Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Народот интуитивно знае дека ветувањата секогаш се во  oна што им е заедничко на сите листи за кандидати за градоначалници и совети е фактот што, и покрај количински зголемената понуда на кандидати, на листите нема некои позначајни кадровски изненадувања во поглед на квалитетот на кандидатите. Поинаку кажано, политичките партии не собраа храброст да излезат со нови кандидати

Стојан АНДОВ
Додека претседавав со седница на Собранието збор зеде  пратеникот Наќе Стојановски, кој  накусо информираше за самоволијата на министерот за внатрешни работи Јордан Мијалков и побара да биде сменет, зашто со оружје им се заканувал на некои од пратениците. За пример беше наведен случајот со пратеникот Алил Џаферовски

MЕДИЈАТОРИ
Во отвореното писмо до пратениците во Собранието на РСМ, 120 медијатори во државата бараат да се усвои нивниот амандман, со кој ќе продолжат да работат, зашто  со сметаат дека со игнорирање на еднаш стекнато право се доведува во прашање владеењето на правото

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Тридецениското искуство покажа и докажа дека одлучувачки фактор за разнебитување на Нашата земја е погубната извршна и оперативна одговорност на статус кво партиите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Нема значење која од нив е на власт. Јавна тајна е дека народот е со кусо паметење, гласа за нив и ги повторува претходните грешки