Според нашите последни анализи, скопјани моментално ја пијат најчистата вода во Европа, веднаш по Виена, вели директорот на јавното претпријатие, „Водовод и канализација“, Душко Весковски, во интервју за „Фактор“.
-Примероци за анализа на водата за пиење се земаат секој ден од вкупно 36 мерни точки што го прават овој податок и информација веродостојни. Градот Скопје се снабдува со вода за пиење од изворот Рашче кој е хидрографски феномен со беспрекорно чиста вода, бистра со стабилен хемиски и бактериолошки режим. Ако кој било граѓанин смета дека има проблем со водата за пиење, во секој момент може да ги алармира дежурните служби, кои веднаш излегуваат на терен и земаат мостра за анализа на евентуалната загаденост – порачува тој.
Весковски дојде на функција во мај годинава. Со новото управување на претпријатието, според него, во рок од нецела година долгот кон добавувачи во висина од 360 милиони денари е намален за 40 отсто.
-Успеавме да ја намалиме каматната стапка за кредит за изградба на деловната зграда од 6 отсто на 3,85 проценти. Во изминатава година изградивме и реконструиравме водоводна мрежа во должина од речиси 12 километри, исто така изградивме и реконструиравме фекална и атмосферска канализациона мрежа од 18 километри – посочува тој.
Весковски како најпозитивно го одвојува ангажирањето на израелската компанијата „Јутилис“ (Utilis) за сателитско снимање и мапирање на сите дефекти во Скопје со чија помош се откриени и санирани дефекти кои не биле видливи со голо око.
-ЈП Вододвод и Канализација – Скопје склучи договор со израелската компанија „Јутилис“ (Utilis) за сателитско снимање и мапирање на дефектите во главниот град кои не се видливи со голо око. Ова го направивме со единствена цел да ги намалиме техничките загуби на вода за пиење. При првото сателитско снимање се откриени 237 локации каде се појавува загуба на вода во водоводниот систем која ние како претпријатије досега немавме можност да ја забележиме. Досега се мапирани повеќе зони и локации каде се откриени загубите на вода и истите тековно се санираат од нашите екипи. Ова е единствениот начин за откиравње на овие дефекти и ваков тип на сателитско снимање за загуби на вода за првпат се спроведува во Република Македонија – додава тој.