Вештаците од Ласкарци го згрешиле и името на авторот чија литература ја користеле

by fokus

Бројни грешки најде обвинителот само на првата страница од супервештачењето за сообраќајната несреќа кај Ласкарци во којашто загинаа 16 лица.

Главниот вештак, Зекирија Зекири кого обвинителот, Дарко Јакимовски инсистираше да го испрашува, не дојде по трет пат оти имал висок крвен притисок, па вештачењето го „бранеше“ Јованка Савова, вешто лице вработено во Бирото за судски вештачења.

На првата страница од супервештачењето пишувало дека е изготвено по барање на Основниот граѓански суд, наместо на барање на Кривичниот суд. Иако ова историско супервештачење Кривичниот суд го нарача во 2022 година, на него пишувало дека барањето за супервештачење било нарачано во март 2021 година, осум месеци пред судот да поднесе барање за супервештачење.

Јакимовски и ги предочи овие грешки на Савова, но таа објаснуваше дека тие биле технички и дека се случувале такви грешки. Образложуваше дека е користен образец најверојатно од друг предмет па затоа имало такви грешки.

Но, не ја згрешиле само првата страница, во вештачењето цитирале погрешен автор на литературата којашто ја користеле, па наместо Радослав Драгач, напишале Радован. Инаку станува збор за познат српски професор на Сообраќајниот факултет во Белград кој се уште е жив.

Обвинителот утврдил и дека вештаците Зекирија Зекири и Дамјан Мирчевски воопшто и ги нема во списокот со надворешни соработници на Бирото за судски вештачења и покрај законската обврска за тоа.

Најголем дел од вештаците потпишани на супервештачењето се надворешни соработници, а само Савова е од Бирото за судски вештачења.

Најголемиот дел од прашањата се однесуваа на системот за сопирање и процентот на неговата ефикасност за успорување.

– Она што ние го заклучуваме во нашиот вешт наод е дека во почетокот на настанување на сообраќајната незгода не е активиран системот за кочење. Тоа се изјавите на сведоците кои возеле позади автобусот, а вториот елемент е зошто ние се врзуваме локациски за првата ограда. Тоа е онаа анализа на трагата каде што нема подолжна или бочна сила, што нѐ наведува на заклучокот дека до тука не е употребен системот на кочење, рече вештакот Иван Ѓаковски.

За тимското одговарање на прашањата и денеска реагираше „Коалицијата Сите за правично судење“.

На денешното рочиште за главна расправа по предметот „Ласкарци“ К-1407/19 продолжи лошата практика на Судот да дозволи „тимско“ одговарање на прашања од страна на вештите лица кои го изготвиле предметното супервештачење, се вели во реакцијата.

Откако во јавноста се објавија слики од Зекирија Зекири како стои на партиска говорница во политичката партија ДУИ, само се зголемија сомнежите на семејствата дека станува збор за нарачано вештачење чија цел е да ги амнестира сите обвинети и вината да ја префрли на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.

Зекири и денеска не се појави на судење оти имал висок притисок, 160 со 110, иако еден од роднините кажа дека го видел пред „Мавровка“.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за трагедијата што се случи кај Ласкарци започна во септември 2019 година, неколку месеци откако се случи несреќата, но епилог уште нема.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости