Спорниот вештак од Ласкарци се шетал пред Мавровка, но на суд не доаѓа оти му бил висок притисокот!

by fokus

Спорниот вештак Зекирија Зекири кој требаше да го презентира супервештачењето за несреќата кај Ласкарци по трет пат не се појави во суд.

Поднел еден куп медицинска документација до Судот дека мора да оди испитувања оти имал покачен притисок од 160 со 110.

Неговото недоаѓање предизвика реакции во судницата која е полна со роднини на загинатите во несреќата што се случи пред четири години.

-Јас го видов вчера пред Мавровка, рече еден од присутните.

Обвинителот Дарко Јакимовски ја побара целата документација што ја поднел Зекири и кажа дека имал информации дека вештакот одел на работа.

Но, и покрај реакциите во судницата дека Зекири може да се испитува цела година и дека судот треба да утврди дали Зекири е навистина болен, судијката Дијана Груевска Илиевска кажа дека судот не може да проверува колку е болен.

Имал отворено боледување, а и судијката се пожали дека и таа требало да оди на боледување затоа што си ја удрила главата, имала модрици, но дошла за да не се одложи судењето.

Откако беше објавено дека Зекири всушност бил член на владејачката ДУИ, мали се шансите тој воопшто да се појави.

Судијката сепак побара обвинителот да ги испрашува другите вештаци кои се потпишани на супервештачењето.

Јакимовски ја испрашуваше вештакот, Јованка Савова, единствен вештак која е од Бирото за судски вештачења која е потпишана на супервештачењето.

Обвинителот најде бројни грешки во супервештачењето, за кои Савова призна дека се грешки, но биле технички и се случувало.

На супервештачењето пишувало дека е изготвено по барање на Основниот граѓански суд по грешка, дека било нарачано, во март 2021, осум месеци пред судот да поднесе барање за супервештачење и низа други грешки.

Откако во јавноста се објавија слики од Зекирија Зекири како стои на партиска говорница во политичката партија ДУИ, само се зголемија сомнежите на семејствата дека станува збор за нарачано вештачење чија цел е да ги амнестира сите обвинети и вината да ја префрли на возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.

Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември 2022. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор ЃорѓиевскиГоран Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за трагедијата што се случи кај Ласкарци започна во септември 2019 година, неколку месеци откако се случи несреќата, но епилог уште нема.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости