Поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски денеска сведочеше на рочиштето за случајот „Таргет и Тврдина“. Тој за аферата во УБК, односно за нелегалното прислушување, прв пат дознал кон крајот на 2010 година.
Сепак за целото негово сведочење, тој се оградуваше од неговата директна улога во откривањето на аферата, повикувајќи се на партијата.
-Кон крајот на 2010 година се првите информации кои сум ги добил поврзани со овој случај. Во тој период бев одговорен за безбедносната политика на СДСМ и информациите од ваков карактер беа обврска за анализа. Се правеа тактички анализи. Ги користеше лидерството за своите стратешки одлуки и политики, рече сведокот Верушевски.
На повеќето прашања на обвинителот Артан Ајро свдокот одговараше дипломатски, а прислушуваните материјали ниту еднаш не ги нарече „бомби“ туку документација.
Верушевски не одговори ниту директно дали Ѓорѓи Лазаревски нему му ги предавал бомбите, а потоа тој во партијата.
-Не обезбедив јас било какви разговори на лична основа. Сето тоа што се случуваше во СДСМ беше обврска да го анализирам. Не бил мој интерес, ниту приватен, ниту на памет ми паѓаше такво нешто. Информациите не завршуваа кај името и презимето мое, туку во партијата, рече сведокот.
На прашањето на обвинителот дали преку него бомбите завршувале во партијата, тој рече:
„ Најчесто документацијата доаѓала по други структури на партијата СДСМ. Ги управував документите во оделот за безбедносна политика се до моето лишување од слобода, рече Верушевски.
Тој рече дека го познавал Ѓорѓи Лазаревски, бидејќи додека бил во ДБК, тој бил вработен таму.
-Комуникацијата ја прекинав во 2016 година поради неговите искази дадени во истрага против мене и мојата сопруга, кои во целост беа невистинити. Лазаревски беше едно од повеќето лица кое доставуваше документација во партијата, рече Верушевски.
По ова обвинителот го праша дали нему лично Лазаревски му предавал документација?
-Тоа лице имаше започнато комуникација со партијата уште пред моето доаѓање во Македонија од Италија и продолжив да комуницирам до 2014 година. Да биде јасно, таквата документација била во партијата. Документацијата цело време беше во партијата и со неа управуваше лидерот на партијата, рече Верушевски, кој откри дека и Бранко Црвенковски бил запознат со дел од документацијата додека бил лидер на СДСМ.
Верушевски рече дека до неговото апсење го знаел точниот обем на документацијата, но потоа немал контрола.
-Факт е дека таа документација доживеа страотни модификации и компромитирања. Зборувам после моето лишување од слобода, рече Верушевски, на изненадување на присутните во судница.
На прашањето на обвинителот, дали за содржината на бомбите зборел со Црвенковски и Заев тој рече:
„Црвенковски и Заев во цело време на нивното лидерство имаа увид во документацијата. Стратешка одлука беше на Црвенковски како ќе ја користи, а потоа и на Заев, рече Верушевски.
Тој не знаеше колку системи за прислушување во УБК имало, а како што рече не може да каже дали материјалите произлегувале од нелегално прислушувани материјали.
-Потеклото и креацијата на документацијата може да ја даде надлежна институција со вештачење. За политичката партија таквата амбиција не е достижна, ниту е поставена како реалност. Амбицијата на одделот со кој управував беше да обезбеди валидни документи со кои партијата ќе го оспори легитимитетот на власта, рече Верушевски.
Екс разузнавачот во своето сведочење рече и дека го познавал Звонко Костовски, но дека немал комуникација со него од 2010 до 2016 година. За Костовски, за разлика од Лазаревски, имаше само пофални зборови.
На наредното рочиште закажано за 10 октомври одбраната треба вкрстено да го испрашува Верушевски.
В.В.