Боки 13 одбил да даде исказ, Русковска го известила дека истрагата против него е завршена

by fokus

Еден час траеше распитот на првоосомничениот во предметот „Рекет“, Бојан Јовановски, кој денеска беше изведен пред обвинителката за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Јовановски беше донесен со полициска придружба од притвор, а по еден саат вратен во затворот во Шуто Оризари.

Како што рече подоцна неговиот адвокат, Сашо Дуковски, Јовановски одбил да даде исказ затоа што обвинителката Русковска на првото соочување со доказите го известила дека истрагата против него е завршена.

-Ова до сега во македонското правосудство не се случило. Истиот ден кога го викаат прв пат на распит, го известуваат дека е завршена истрагата. Претходно ниту еднаш не бил известен за доказите против него. Ова е повреда на постапката, ставот на Европскиот суд за човекови права е дека осомничениот треба да биде запознаен со доказите против него и основите за сомневање – рече Дуковски.

Дуковски појасни дека не е запознаен со фактот дали е завршена истрагата за „Рекет“ или само истрагата за неговиот клиент, бидејќи утре на распит треба да биде донесена екс шефицата на СЈО, Катица Јанева.

Адвокатот рече дека и покрај тоа што Јовановски не дал изјава денеска, тој нема да се брани со молчење доколку биде поднесено обвинение.

-Не се браневме со молчење, ниту некогаш ќе се браниме со молчење. Ќе дадеме исказ иако ова е повреда на правото на одбрана и правен нон сенс. Ние не гледаме на кристална кугла за да знаеме кои се доказите. Не дадовме изјава од разбирливи причини затоа што немаме увид во доказите – рече Дуковски.

Тој додаде дека одбраната ќе има можност од среда во 12 часот да изврши увид во предметот и дека потоа Јовановски ќе даде исказ.

М.В.

Поврзани новости